Целосна блокада на институциите или блокирање на главните улици, за да се слушне гласот на работниците во администрацијата кои се соочени со нерешени повеќегодишни проблеми и ниски плати, најавуваат синдикатите.
Како ќе изгледа генералниот штрајк, во кој ќе бидат вклучени сите вработени во јавниот сектор, од управата, правосудството, здравството, комуналните и од другите дејности, ќе се знае утре, по седницата на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Познато е дека овој пат синдикатите нема да се повлечат, ако владата не го исполни ветеното линеарно зголемување на платите од 2.806 денари и не се фати за работа околу деполитизацијата на администрацијата и решавањето на другите проблеми. Новите преговори ќе значат и нови барања на синдикатите за усогласување на платите за 18,4 отсто, колку што беше зголемена и минималната плата.
Синдикатите велат дека состојбата е зовриена по запирањето на процесот на потпишување на Општиот колективен договор за јавната администрација, со кој требаше да се озакони правото на усогласување на платите по новиот износ на минималната плата. Но, наместо потпишување на договорот, синдикалците, во колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими, добија најава дека власта подготвува нов начин на вреднување на работењето на административците.
– Сѐ беше договорено на Економско-социјалниот совет и требаше само да се стават потписите, но по колумната на министерот за финансии, владините претставници се повлекоа ненадејно и нашата комуникација се сведе на пишување телефонски пораки. Состојбата меѓу работниците зовре и со непродолжување на антикризните мерки, кои дополнително, освен ниските плати, го сруши нивниот стандард. Имаме синдикати кои веќе се подготвени да штрајкуваат самостојно, ако ССМ не донесе одлука за генерален штрајк – вели претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Тој најавува дека нивните барања за усогласување на платите по ваквиот потег на владата ќе се променат и наместо линеарни 2.806 денари, ќе бараат 18,4 отсто зголемување на платите колку што всушност беше процентот на зголемување на минималната плата.
– Но, освен новите барања за процентот на зголемување на платите, ние бараме и решавање на проблемот на партизација на администрацијата на сметка на стручноста. Имено, наместо унапредување на стручните административци, врз чиј грб е истурена целата работа во администрацијата, на повисоките позиции и за повисоки плати се ставаат партиски војници кои патем не доаѓаат на работа бидејќи се сопственици на бизниси, ама државата им дава плата. Оваа практика треба да прекине ако се сака да имаме ефикасна администрација. Во делови од администрацијата не се распишуваат огласи за испразнетите работни места, а работата пак ја вршат истите работници за ниски плати – вели Деаноски.
Деаноски очекува поддршка и вклучување во штрајкот и на синдикатите на работниците од приватниот сектор по утрешната седница за донесување на одлука за генерален штрајк и начинот на кој ќе се одвива.
Дел од синдикатите и во приватниот сектори велат дека се соочени со барање на членството за штрајк.
– Врие и во приватниот сектор, каде што тешко одат преговорите за усогласување на платите со минималната плата. Во приватниот сектор веќе имаме изедначени плати на повеќе работни позиции што придонесува за незадоволство на работниците. Има барања од синдикални организации за организирање генерален штрајк, но за овој сектор многу потешко може да се оди со оваа опција – вели генерална секретарка на СИЕР, Маре Анчева.
Таа додава дека преговорите со работодавците од приватниот сектор се одвиваат многу потешко отколку за јавниот сектор.
– Ние за 2 или 3 отсто зголемување на платите имаме тешки преговори со работодавците кои најчесто со уцени кон работниците се обидуваат да одбегнат да дадат покачување. Но, со тоа не завршува борбата за правата на работниците – вели Анчева.
Според неа, колку и да се болни преговорите на Владата со ММФ околу новиот заем, не треба да се дозволи први да страдаат работниците и нивното право да добијат достојна плата.
– Знаеме дека преговорите со меѓународните финансиски институции за добивање заем се тешки. Прва реакција на овие институции е да се крати, а каде најбрзо тоа се прави? Кај правата на работниците, односно на нивните плати. Но, со оглед на состојбата во која се сега работниците, не треба да се дозволи сето тоа да се истури на нивниот грб – вели таа.
И претседателот на Синдикатот на градежници, Иван Пешевски, вели дека и во приватниот сектор има незадоволство.
– За приватниот сектор можам да зборувам дека исто чашата е прелеана и луѓето чекаат секојдневно да апелираме и да повикаме на генерален штрајк, бидејќи повеќе не се издржува состојбата. Меѓутоа, со вакво зголемување на платата и тврдење дека имаме непродуктивни работници, или дека ќе ја мериме продуктивноста, а од друга страна се купуваат возила за Владата или има таму помножено по десет непродуктивни трошоци кои тие секојдневно ги трошат на грбот на граѓаните, навистина нема тоа да се дозволи – изјави Пешевски вчера во Охрид.
Од ССМ потсетуваат дека синдикалната кошничка секој месец се зголемува и веќе надмина 38.000 денари, што покажува дека работниците веќе не можат да врзат крај со крај. Посебно оние 112.000 кои земаат со минимална плата од 18.000 денари, тие не можат да го преживеат месецот.
– Ние како ССМ веќе подолго време апелираме да се зголемат платите линеарно за 2.806 денари и како што баравме ние од 1 мај. Зошто? Поради сево ова, знаејќи дека на 31 мај ќе прекине мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Видовме уште ден порано сите трговци на мало и на големо ги коригираа своите цени, сите цени отидоа за плус 10 отсто, Владата како трет социјален партнер не ни излезе во пресрет – изјави вчера претседателот на ССМ Дарко Димовски.