Градоначалници кои не нудат решенија за предизвиците на граѓаните, не може да зборуваат за подобрување на системот на детска заштита. Технички министер кој не ги проверува информациите пред да излезе на телевизија, само ја манипулира јавноста.
Апелираме изјавите од техничкиот министер од ДПМНЕ и градоначалникот на Општина Штип пред да излезат во јавност да бидат подготвени со точни и проверени информации. Владата на ДПМНЕ која опфатот на деца во предучилишните установи го држеше под 25%, сега зборува за тоа како може да се вработат повеќе негуватели и воспитувачи за „поголем“ опфат на деца.
Имено двете градинки во Штип се проектирани за вкупен опфат на 1345 деца, а моментално е запишано само 1161 дете. Вистинската причина за одбивање на децата за сместување во градинка е неспособноста на Општината. Од министерство уште еднаш потврдуваме дека листи на чекање нема, а доколку има тоа Советот на општината може да го реши со одлука за проширување на капацитетот.
Во однос на лиценцирањето информираме дека изминатите две години лиценцирани се 740 лица во Министерството за труд и социјална политика и спремни за вклучување во процесот на предучилишно воспитание и образование. Додека во делот на вработувања, информираме дека во изминатите две години за во градинките во Штип побарани се вкупно 17 вработувања, 24 унапредувања и две продолжувања на согласности од кои само две вработувања и две унапредувања не се одобрени.
Детската заштита не треба да биде мета на партиски препукувања, мандатот на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска е доказ за тоа!
На крајот од 2023 година беа потпишани дооговори за изградба на нови градинки во вредност од 4 милиони евра и тоа во Општините на чело со градоначалници од ДПМНЕ, односно Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром.
Отворената работа на министерството изминатите две години ја потврдуваат соработката со останатите општини, кои се проактивни и кои имаат познавања за пишување на проекти вредни за поддршка независно од нивната партиска обоеност. За ваква проактивност од Општина Штип не сме запознаени, не е направен обид за комуникација, ниту телефонски, ниту преку електронска пошта.