Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп не сакаше да каже дали ја поддржува Русија или Украина, а патем го повика рускиот претседател Владимир Путин да направи што сака со оние членки на НАТО алијансата кои не ја исполнуваат обврската да инвестираат минимум од два отсто од БДП за одбрана.
По повод двете години од војната, украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен се осврна на тие изјави на поранешниот американски претседател.
„Ако Доналд Трамп не знае кого да поддржи, Украина или Русија, мислам дека ќе има предизвици во своето општество. Затоа што поддршката на Русија значи да се биде против Американците“, рече Зеленски и објасни дека Трамп всушност не го познава Путин:
„Знам дека го запозна, но никогаш не се скарал со него. Американската армија никогаш не се борела со руската армија. Никогаш… подобро го разбирам и подобро ја разбирам ситуацијата“.
Тој исто така нагласи дека верува оти Путин нема намера да застане на Украина. Затоа, тврди тој, императив е да и се помогне на својата земја, која во последните две години успеа да се одбрани од напади, но без помош нема да може уште долго.
Исто така, без разлика на изјавите на Трамп, Зеленски за него зборува помирувачки и не сака да им ги наметнува своите ставови на американските граѓани.
„Одлуката за тоа кој ќе биде американски претседател е на Американците“, одговори Зеленски на прашањето дали сака Трамп да го победи актуелниот претседател Џо Бајден.