Доналд Трамп ќе ја објави својата втора пост-претседателска книга следниот месец, во која ќе бидат прикажани 150 приватни писма што ги добил во текот на повеќе од 40 години.
Како што објави порталот Axios, ќе има писма од Опра Винфри, Роналд Реган, принцезата Дијана, Хилари Клинтон, Никсон, а преписката со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се вели дека е „најконтроверзна“, пренесува РТС.
Поранешниот американски претседател има објавено неколку книги, а „Писма до Трамп“, која треба да се појави во април, е втора книга што ја објави откако повеќе не е во Белата куќа. Порталот Axios објавува дека оваа книга содржи писма од „претседатели, крунисани глави, познати личности и бизнис титани“ и дека меѓу другите има писма од Хилари Клинтон, Ричард Никсон, Опра Винфри, Роналд Реган, Бил Клинтон, принцезата Дијана, Тед Кенеди, Лиза Минели и многу други.
Како најконтроверзна се најавува преписката со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Во 2018 година, Трамп на митинг во Вирџинија рече дека тој и Ким „имаа навистина тешко време … и тогаш се заљубивме, добро?“.
„Не, сериозно, ми напиша убави писма, прекрасни писма“, рече Трамп.
Писмата на Ким Џонг Ун, се испоставува, се дел од доверливиот материјал што Трамп го однел со себе на неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида кога ја напуштил Белата куќа во 2021 година, откако неговите поддржувачи упаднале во Конгресот.
Токму поради задржувањето на доверливите документи од страна на Трамп, поранешниот американски претседател е под истрага на американскиот јавен обвинител.
За раскинувањето со Опра
Во време кога Трамп само провоцираше со приказната за неговата претседателска кандидатура за реформисти, Опра Винфри во 2000 година му напиша на Трамп: „Штета што не се кандидираме. Каков тим би бил тоа!“.
„За жал, кога всушност ја објавив мојата претседателска кандидатура (за републиканската номинација во 2015 година), таа никогаш не разговараше со мене после тоа“, додава Трамп во книгата.
Претходната книга „Нашето патување заедно“, за деновите на Трамп во Белата куќа, крена голема прашина кога беше откриено дека Трамп го спречил официјалниот фотограф на Белата куќа да објави слична книга, а потоа самиот ја објавил.
Книгата „Писма до Трамп“ нема да биде евтина. Ќе чини 99 долари. Потпишаното издание е четири пати поскапо – ќе чини симболични 399 долари.