Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија и поранешен американски претседател Доналд Трамп изјави дека би ја „охрабрил“ Русија да ја нападне секоја членка на НАТО што нема да ги исплати своите обврски кон Северноатлантската алијанса, пишува Гардијан.
Поранешниот американски претседател призна дека еднаш му рекол на шефот на НАТО дека нема да ја заштити нацијата која не исполнува обврски, доколку таа биде нападната од Русија.
Вчерашниот коментар на поранешниот шеф на државата веднаш наиде на остри критики од Белата куќа, која изјавите на Трамп ги нарече „ужасни и безобразни“.
Трамп вчера изјави дека за време на состанок на НАТО, му рекол на шеф на „голема земја“ дека под негово водство САД не би ги штителе државите „деликвенти“ и дека во тој случај ќе ги „охрабри“ агресорите „да прават што сакаат“.
„Еден од претседателите на една голема земја стана и праша: Господине, ако не плаќаме и Русија не нападне, дали ќе не заштитите?“, рече Трамп и додаде дека му рекол на претседателот: „Не плаќате, криминалци сте? Не, не би ве заштитил, би ги охрабрил да прават што сакаат. Треба да платиш. Треба да си ги платиш сметките“ – објави Гардијан.
Трамп ова го изјавиЛ за време на кампањата за претседателска номинација во Конвеј, Јужна Каролина, пред внатрепартиските републикански избори во таа американска држава на 24 февруари.
Портпаролот на Белата куќа истакна дека поранешниот претседател „ја охрабрил инвазијата на нашите најблиски сојузници од убиствени режими“ и ги нарече коментарите „ужасни и неоправдани“. Тој додаде дека изјавата „ја загрозува националната безбедност на САД, глобалната стабилност и домашната економија“.
– Договорот за НАТО содржи одредба која гарантира заедничка одбрана на земјите-членки во случај на напад врз која било членка – потсети Бејтс.
Трамп беше жесток критичар на Организацијата на Северноатлантскиот договор за време на неговото претседателствување и постојано се закануваше дека ќе ја повлече земјата од НАТО. Тој често се жалеше дека САД плаќаат повеќе за функционирањето на алијансата од другите членки.
Бејтс истакна дека сегашниот американски претседател Џо Бајден ги обновил американските воени сојузи по преземањето на функцијата во 2021 година и се погрижил Алијансата сега да биде посилна и повитално од кога било порано.