Приведени се вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој беше во работна посета на Општина Босилово.
– Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичката состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена – рече Тошковски.
Во вчерашното гостување во поткастот „Претрес“, Тошковски изјави дека има осомничени лица за убиството, како и одредени материјални траги кои водат до осомничените и посочи дека се преземени 20 истражни дејствија, како и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.
Според првичните наоди, министерот рече мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.
68-годишниот лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.
Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.