Австралиската полиција денеска соопшти дека вчерашниот напад со нож, за време на црковна служба во близина на Сиднеј, ќе се третира како терористички акт.
Полицијата вчера уапси 15-годишно момче откако во асирската црква во Вејкли, околу 30 километри западно од Сиднеј, избоде со нож четири лица, меѓу кои и епископот на црквата. Повредените, меѓу кои е и напаѓачот се здобиле со полесни повреди.
Нападот се случи за време на проповед што се емитувала во живо на интернет.
– Да не го навредуваа мојот пророк, немаше да дојдам овде – вели тој на арапски на видеото кое е објавено по нападот.
Тоа е втор напад со нож во Сиднеј во изминатите денови. На 13 април со нож беа усмртени шест лица во трговскиот центар „Вестфилд бондаи џанкшн“ (Westfield Bondi Junction) во Сиднеј. Напаѓачот беше застрелан од полицијата. Инцидентот не е означен како терористички акт.