Британските проектили „Сторм Шеоду“ за првпат се истрелани кон цели во Руската Федерација, јавуваат британските медиуми. Портпаролот на премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер одби да ги коментира наводите, велејќи дека неговата канцеларија нема да коментира извештаи или оперативни прашања.
И покрај тоа, „Гардијан“ дознава дека проектилите навистина биле користени, додека „Блумберг“ во својот извештај од средата, повикувајќи се на неименуван западен функционер, исто така ја потврдил нивната употреба. На апликацијата Телеграм се појавија непотврдени фотографии кои наводно покажуваат фрагменти од проектил на локација во Курската област.
Велика Британија претходно изјави дека Украина може да користи крстосувачки ракети „Сторм Шедоу“ исклучиво на украинска територија. Сепак, владата на претседателот Володимир Зеленски со месеци бара дозвола да ги користи овие ракети за да нападне цели во Русија.
Пред неколку месеци се појави информација дека Велика Британија дала дозвола за користење на ракетите на руска територија, но таа никогаш не беше официјално потврдена.
Во неделата Украина нападна магацин во рускиот регион Брјанск со американските ракети АТАКМС со долг дострел. Потегот го вклучи алармот во Москва од каде дојдоа предупредувачки пораки. Американскиот претседател Џо Бајден, кој е во заминување, ѝ даде дозвола на Украина за користење на овие проектили на руско тло.
Русија објави дека ја сменила својата нуклеарна доктрина и дека го задржува правото со нуклеарно оружје да одговори на напад од земја со конвенционално оружје.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска потврди дека САД испраќаат голем пакет помош за Украина во вредност до 275 милиони долари. Тој нагласи дека поддршката „ќе ги задоволи критичните потреби на бојното поле“ и ќе вклучува муниција за ракетни системи, артилериско оружје и противтенковско оружје.
За време на брифингот во Лаос, Остин ја објасни и одлуката за испорака на противпешадиски мини за Украина.
– Она што неодамна го забележавме е дека поради неуспехот на руските сили во нивниот досегашен начин на борба, тие донекаде ја променија тактиката и повеќе не ги водат механизираните единици – рече тој.