Модниот гигант „Луј Витон“ претстави нова колекција накит, која предизвика гнев на социјалните мрежи на кои некои корисници тврдат дека симболот на модната куќа потсетува на буквата „Z“, која стана симбол на агресијата на Русија врз Украина.
Француската модна куќа на Инстаграм ја претстави унисекс-колекцијата „LV Volt“, со познати личности како лица на брендот. Меѓу нив се раперот Кид Куди, глумицата Џин Чен и Алиша Викандер. Иако се решија, како и обично, со стилизирано преплетување на буквите „L“ и „V“, тие сега постигнаа спротивен ефект бидејќи тоа многумина ги асоцира на „рускиот воен симбол“, па луто одговорија во коментарите. За некои, тоа е дури и „срамен“ потег.
„Модата не може да произлезе од војна! Буквата ‘Z’ е симбол на руската агресија против Украина“, „Дали сте сериозни!?“, „Веќе гледам дека ова ќе биде еден од најлошите маркетиншки неуспеси ширум светот“ – гласат дел од коментарите.