Српското обвинителство ги објави имињата на тројцата осмоничени за бруталното измачување и убиство на 74-годишниот Станимир Брајковиќ во затворот Падинска Скела во Србија. Среќко Стефановиќ (20), Саша Станковиќ (20) и Далибор Петровиќ (22) се тројцата злоставувачи кои го тепале, го измачувале и го силувале до смрт пензионерот од Милановац кој одлежувал затвор затоа што немал да плати 30.000 динари казна за фрлена петарда. Тие се осомничени за тешко убиство во соучесништво и им се заканува доживотна затворска казна.
На предлог на обвинителството, по сослушувањето, судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград на осомничените им одреди мерка притвор за да не го повторат делото за краток временски период.
Истрагата за случајот што ја згрози јавноста, откри стравични детали за безумното насилство што се одвивало во затворот во Падинска скела. Осомничените од средината на јануари до 4 февруари годинава психички, физички и сексуално го малтретирале 74-годишниот затвореник, кој на крај починал од повредите. Се сомневаат дека тие во ќелијата во која престојувале заедно, брутално го измачувале старецот бидејќи останал без пари со кои купувал намирници за осомничените во затворската менза.
„Секојдневно му удирале шлаканици, го тепале со клоци и со раце во пределот на главата и телото, а во една прилика Далибор П., како што постои сомнение, го удирал со колено по телото и ребрата, додека во друга прилика сексуално го злоставувал со рачка од метла. Осомничениот Саша С., наводно, го терал да ја испие неговата урина од шолја за кафе, додека Среќко С. со крпа му го извлекувал јазикот од устата за да го спречи да се пожали на командирите за малтретирањето и понижувањето што го трпел“ – известија од Вишото јавно обвинителство во Белград.
Според информациите, убиениот бил прегледан на 3 февруари, но најверојатно поради страв, не го пријавил малтретирањето што го трпел, туку изјавил дека сам паднал. Тој бил вратен во ќелијата, но потоа, како што се сомневале, пријавените го однеле во бањата и го полиле со студена вода.
„Следниот ден, неговата здравствена состојба значително се влошила, па поради здобиените повреди, губење на поголема количина крв и нарушување на дишењето и циркулацијата поради билатерални скршеници на ребрата и градната коска и компликациите кои настанале, С.Б. почина“- потврдија од обвинителството.
Повикувајќи се на судски извори, Курир.рс објави дека на злоставувачите им се закануваат драстични казни. На Среќко Стефановиќ и Саша Станковиќ, кои се уште не наполниле 21 година, им се заканува максимална затворска казна до 20 години, додека на Далибор Петровиќ, кој има 22 години, му се заканува доживотен затвор за тешко убиство.