Српски граѓани поставиле барикади на северот на Косово, по најавата на Приштина дека од утре стапува во сила одлуката за пререгистрација на возила и лични карти.
Во Косовска Митровица се слушаат сирени од пред 18 часот.
Како што јави РТС, граѓаните ги блокирале административните премини Јариње и Брњак каде се распоредени косовски специјалци.
Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, за порталот Косев, инфо потврдил дека има блокада во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе.
– Имаше блокада на патот во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе. Наводно се раширила лажна вест дека општината ќе биде блокирана од специјални единици, што апсолутно не е точно и нема таква намера – изјави Бесим Хоти за Косев.
Читатели Н1 од северот на Косово претходно за Н1 изјавија дека граѓаните се собираат кај крстот во селото Рударе во општина Звечан.
Косовската полиција не дозволува пешаци или возила да минуваат низ Јариње, а оние кои веќе поминале ги враќа назад.
Полицијата во централна Србија ги враќа патничките возила кои тргнале кон административните премини, информира РТС.
Во Косовска Митровица се слушаат сирени за тревога, а локалните граѓани излегле на улиците.
КФОР соопшти дека „ја следи ситуацијата и собира податоци“.
– Во врска со сирените за тревога кои непрекинато се слушаат во северниот дел на Косовска Митровица, КФОР ја следи ситуацијата и моментално собира информации – соопштија од штабот на КФОР.