ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до Владата своите контакти за набавка на поевтини енергенси, за што конкретно е задолжен министерот за економија Крешник Бектеши, кој потоа ќе ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.
Ова е договорено на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која присуствуваа и економски тимови на Владата и на партијата.
– Состанокот помина во добар дух. Реафирмирано беше барањето на опозицијата за ставање на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар за што ќе бидат направени дополнителни анализи. Продолжуваат и билатералните преговори со соседните земји, а се очекува и помош од Европската комисија. Деновиве се водат разговори доколку има некакви чекори ќе биде информиран министерот за економија и ќе бидат соопштени во јавноста – рече Ковачевски по средбата.
Премиерот додаде дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут.
– Не е време за прибирање политички поени, туку за заедничка работа за пребродување на енергетската криза. Владата со сиот свој капацитет прави се што е во наша моќ за да може да обезбедиме се она што е потребно за што полесно пребродување на оваа најтешка зима што ја видел европскиот континент после Втората светска војна – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека порано цената на берзите на електричната енергија ја одредуваа купувачите со количината која сакаа да ја купат, а сега тоа го прават продавачите кои имаат вишок на енергија за продажба.
Во регионот, како што рече во одговор на прашање, само Бугарија и Босна Херцеговина се извозници на електрична енергија, а сите други се купувачи. За Бугарија рече дека согласно европските директиви мора да го продава вишокот на електрична енергија по берзански цени, а се прават напори доколку увеземе струја од таму разликата во пазарната цена и цената која ќе ја договориме да ја субвенционира Европската комисија доколку тоа се договори во рамите на ЕУ како помош за земјава за справување со енергетската криза.
Ковачевски истакна дека ЕСМ произведува доволно електрична енергија за потребите на регулираниот пазар и како што кажа од јуни воопшто нема увезено електрична енергија за таа потреба.
На средбата ја нагласиле и потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и и кои не се неопходни и префрлање во ставки за справување со енергетската криза, посочи Ковачевски.
– Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС – изјави Ковачевски.
Премиерот информира дека Владата денеска донела одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје. Потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите според кој, ЕСМ ќе и плаќа 390.000 евра годишно на Адора, која е сопственик на топланите.