More

    Србија вработила најмногу луѓе и преку Отворен Балкан

    spot_img

    Повеќе од 5.000 граѓани од Македонија, Србија и од Албанија се изјасниле дека сакаат да работат во една од трите земји на Отворен Балкан преку системот за пријавување на слободниот пазар на труд. Колку од овие работници се пријавиле за работа во земјава не се знае бидејќи конкретна анализа ќе се прави на крајот на годинава.

    Бизнисмени велат дека преку оваа поволност веројатно има вработени во секторот земјоделие каде што во изминатите години имало работници на црно од Албанија, но тие не очекуваат дека работници од Србија и од Албанија се пријавиле за работа во преработувачката индустрија.

    Владата ги соопшти овие бројки откако Плусинфо пред два дена ја праша колку граѓани на Србија и на Албанија веќе се вработени во земјава и од кои професии се нашите сограѓани кои се вработиле кај нашите соседи преку слободниот пазар на труд Отворен Балкан.

    – Досега има повеќе од 5.000 заинтересирани граѓани за мерката за Слободен пристап до пазарот на труд, поточно издадени се толку идентификациски броеви за Отворен Балкан (OB ID) од трите држави. Откако заинтересираниот граѓанин ќе извади OB ID број, следен чекор е процесот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд од државата за која е заинтересиран апликантот, процес кој трае до 30 дена согласно пропишаните обврски и правила во Договорите и во протоколите – велат од Владата.

    Оттаму додаваат дека конкретни бројки и анализа на профилите на заинтересираните ќе имаат до крајот на годинава.

    – Конкретни бројки и анализа за профили на баратели на работа кај нас, и од кај нас во другите две држави може да се очекуваат кон крајот на годинава, бидејќи за релевантна анализа потребен е одреден временски период на користење на мерката – велат од владата.

    За разлика од нашата влада, српската веќе информира дека 3.300 жители од Македонија и од Албанија се вработени во српски фирми. Ова го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ на Самитот на лидерите од Западен Балкан што се одржа во Црна Гора.

    Бизнисот не располага со конкретни податоци за вработувања на Албанци и на Срби во нашата индустрија преку системот Отворен Балкан.

    – Официјални податоци за вработувања на Албанци и на Срби во индустријата преку иницијативата Отворен Балкан немаме, но сметам дека и ако има вработувања тогаш тие се во земјоделството каде што имаше вработувања на Албанци и во текот на изминатите години. Овие вработувања беа на црно, а сега можат со олеснувањата да се легализираат. Во другите сектори не верувам дека има вработувања бидејќи и во трите земји од Отворен Балкан има одлив на кадар и голем недостиг кој се пополнува со увоз на работници од други земји. Овдешните работници, заминуваат во поразвиените европски земји каде што и платите и стандардот се далеку повисоки од регионот – вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи.

    Тој додава дека земјава доцни со олеснување на условите за увоз на работници од други земји.

    – Имаме неколку агенции преку кои се увезуваат работници од азиските земји, но владата не донесе никакви олеснувања на процесот. За разлика од нас, Албанија и посебно Србија направија големи олеснувања и веќе кај нив има странски работници – вели тој.

    Просечно, годишно владата одобрува квота за дозволи за работа на 5.000 странци иако компаниите лани побарале најмалку 10.000 работници. Владата иако вети, не направи никакви измени во законот за вработување на странци и во другите закони кои се поврзани со обезбедување работа за странци во земјава.

    И Албанија и Србија веќе најавија дека освен отворен Балкан за обезбедување работници се отвораат кон целиот свет. Албанија деновиве најави дека планира да увезе 40.000 квалификувани работници од Филипините, а Србија веќе неколку години увезува работници.

    Албанската влада планира договорот со Филипини да го потпише во јуни.

    – Од нив, 15.000 од нив се очекува да бидат вработени во преработувачкиот сектор, додека останатите ќе бидат вработени во туризмот и во другите сектори од економијата погодени од кризата од недостиг на домашна работна сила – изјави генералниот директор за вработување и стручно образование во Министерството за економија, Албин Гега.

    На самитот во Црна Гора и српскиот претседател најави дека владата планира да го отвори пазарот за вработување на работници од целиот свет. Србија од 1 февруари воведе и единствена дозвола за работа и престој на странци со што според очекувањата ќе се зголеми и бројот на странски работници од 35.180 лани, на 50.397 годинава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img