Пратеникот на Алијансата за Албанците Зијадин Села изјави денеска дека ќе гласа за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу.
– Да, дефинитивно го имаме мнозинството. Очекуваме да се спроведат одлуките на партиските органи. Донесовме одлука во Управниот совет, кој истовремено е и Кадровска комисија на партијата и денеска мора да се спроведе она што тие го видоа како одлука на Алијансата за Албанците – рече Села.
На новинарско прашање дали очекува претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари да присуствува на утрешното партиско Собрание, Села нагласи дека го поканил уредно како и сите други членови на Централното Собрание.
– Го имам покането, како и секој друг член на Централното собрание, со јавна покана. Негова работа е дали ќе дојде или не. Местото му е да дојде таму – изјави Села.