Во интервју за ТВ21 министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше запрашан за значајната средба со помошникот на Државниот секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, во рамки на посетата на Вашингтон, Соединетите Американски Држави.
„Тоа беше една од средбите, според нас, значајна и за МВР, меѓутоа значајна и за Република Северна Македонија. Многу голема реткост е министер за внатрешни работи да се сретне со помошник Државен секретар во овој дел, меѓутоа ние разговаравме токму за иднината на земјата”, рече Спасовски. Притоа, тој истакна дека низ разговорите беше потврдена континуираната поддршка на САД за земјава и за реформските процеси.
„Разговаравме за состојбите, идинината во регионот, заеднички констатиравме дека европскиот пат нема алтернатива и само европскиот пат може да биде нешто по коешто треба да се движи Северна Македонија и регионот. Разговаравме дека институциите мора да бидат засилени, да се води сериозна, неселективна, транспарентна борба против криминалот и корупцијата. Секако, низ тој ефикасен систем да се посочи детално одговорноста. Беше укажано на поддршката и продолжувањето на поддршката којашто ја даваат САД на Република Северна Македонија како наш најзначаен стратешки партнер и во тој правец мислам дека сите активности и во натамошниот период ќе бидат насочени пред се’ кон поддршка на државата и на македонските граѓани. Тоа е накратко заклучокот од средбата којашто ја имав со господинот О’Брајан”, истакна Спасовски за време на интервјуто за ТВ21.