Сомежите на австрискиот амбасадор земјава Георг Вуцас дека спорот за наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма се води под надворешни влијанија, ќе ги проверува и Судскиот совет.
– Членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор, кој се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Судскиот совет ќе изготви извештај, по што ќе продожи со преземање на конкретни дејствија за следењето на предметот, внимавајќи да не влијае на одлуките на судот – велат членови на Судскиот совет.
Јавното обвинителство тврди дека ажурно постапувало по пријавите кои ги поднела австриската фирма.
– По пријавата до ОЈО Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители, се постапува, се прибираат докази, а по потреба ОЈО ќе нареди и соодветни вештачења. До ОЈО Скопје, пак, истото правно лице поднесе кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за делата „несовесно работење во службата“, „фалсификување службена исправа“ и „компјутерски фалсификат“ – соопшти јавното обвинителство.
Австрискиот амбасадор Вуцас вчера преку допис до медиумите наведе дека австриската фирма АММА импорт експорт не можела да си го наплати долгот од 4,5 милиони евра од македонска фирма и покрај тоа што арбитражен суд пресудил во корист на австриската фирма. Македонската фирма Дена продукт, во сопственост на Атанас Костов, како што велат, најголемиот дел од имотот го префрлил во компанијата ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, во сопственост на неговата сопруга Емилија Заева Костова, братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
Екс премиерот Заев пак се огради од вмешаност во спорот и бара извинување, во спротивно заканувајќи се со тужба за клевета и со реакција до МНР на Австрија во Виена.