Со смртта на папата Франциск, кој ја предводеше Римокатоличката црква и нејзините околу 1,4 милијарди верници цели 12 години, вниманието сега се насочува кон изборот на неговиот наследник

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Со смртта на папата Франциск, кој ја предводеше Римокатоличката црква и нејзините околу 1,4 милијарди верници цели 12 години, вниманието сега се насочува кон изборот на неговиот наследник.

Ватикан повторно ќе стане центар на светската јавност, додека кардиналите го бираат новиот духовен водач. Во период на молитви, исчекување и симболични чадови, започнува еден од најинствените процеси во модерниот свет.

Што е конклава?

Одлуката ќе биде донесена преку одамна воспоставен процес, познат како конклава, за која Ватикан објави дека ќе започне на 7 мај. Конклавата е избор спроведен во тајност зад затворените врати на Сикстинската капела во Ватикан.

Конклави се одржуваат само кога папското место е испразнето, обично по смртта или повлекувањето на папата. Кога папата Бенедикт XVI се повлече од функцијата поради старост и ослабено здравје, во 2013 година по 8 години како папа, тоа беше првпат по речиси 6 века еден папа да се повлече.

Оставката на Бенедикт, кој почина во 2022 година, ја поттикна конклавата што го избра папата Франциск за поглавар на црквата. Франциск, кој имаше 88 години, почина од мозочен удар на 21 април, на Велигденски понеделник, по долга респираторна болест.

Наскоро, Колегиумот на кардинали, највисокото тело на црквата и де факто раководството додека не се избере нов папа, ќе се состане за да го избере новиот папа. Само оние под 80 години имаат право на глас; од вкупно 252 кардинали, 135 ќе служат како избирачи, според Ватикан.

Кога започнува конклавата и колку ќе трае?

Конклавата, која традиционално се одржува 15 до 20 дена по смртта на папата, ќе започне на 7 мај.

Нема утврден временски рок за конклавата; најдолгата конклава во модерната историја се одржала во 1903 година, кога папата Пиј X бил избран по 5 дена. Во 13 век, папското место било испразнето цели 3 години пред да биде избран Гргур X.

Според порталот Католик воут, пренесува Ју-Ес-Еј тудеј, процесот за избор на папата Гргур X траел толку долго што неколку избирачи починале пред да се донесе конечната одлука. Тој застој довел до процесуални реформи што важат и денес.

- Advertisement -
Ad image

Папата Бенедикт XVI бил избран во 2005 година по само 2 дена гласање.

Колку траеше последната конклава?

Во 2013 година, на Колегиумот на кардиналите, составен од 115 избирачи, му требаше нешто повеќе од еден ден – 28 часа – за да го избере Хорхе Марио Бергољо од Аргентина за наследник на Бенедикт. Поддржан од кардинали кои бараа реформи, нископрофилниот Бергољо бргу се истакна како фаворит и го задржа своето водство.

Бергољо, кој го зеде папското име Франциск, беше првиот папа кој потекнува од американските континенти, што гордо го истакна во својот прв говор, велејќи: „Дојдов од крајот на светот“.

- Advertisement -
Ad image

Што се случува за време на конклавата?

Конклавата е ритуал полн со традиција и со светска интрига. Пред нејзиниот почеток, членовите на Колегиумот на кардиналите ќе служат миса во базиликата Свети Петар, по што ќе се повлечат во Сикстинската капела.

Додека не се избере наследник, тие ќе бидат затворени зад вратите на ренесансната капела, па оттаму доаѓа зборот „конклава“, од латински „со клуч“. Првично изолацијата служела за да се спречи влијанието на римските лидери и на моќните семејства, а денес за да се избегне притисокот од медиумите. Кардиналите немаат пристап до телефони, телевизија, е-пошта или до кој било друг начин на комуникација со јавноста.

Кардиналите се обврзани на тајност, иако преку годините некои детали сепак протекле.

Целиот таен процес поттикна интерес по наградуваниот филм на Нетфликс од 2024 година, „Конклава“.

Колку тајни гласања се одржуваат дневно?

Се спроведуваат до 4 тајни гласања секој ден. Избирачите ги испишуваат своите гласови рачно на ливчиња. Папата е избран кога ќе добие 2 третини од гласовите.

Кога ниеден кандидат нема да добие доволен број гласови, кардиналите прават пауза за затворени дискусии, по што повторно гласаат. Процесот се повторува сè додека не биде избран новиот папа.

Во меѓувреме, на плоштадот Свети Петар, илјадници верници се собираат во молитва и исчекување на исходот од гласањето. Парчињата хартија од гласовите се палат со хемикалии што произведуваат црн чад од оџакот на капелата за да се покаже дека изборот сè уште не е направен.

Кога ќе се избере нов папа, ќе се види fumo bianco или бел чад, создаден со посебни хемикалии.

Што ако нема избран папа по 33 гласања?

Ако по 33 круга на гласање сè уште нема избран папа, двајцата најдобро пласирани кандидати одат во втор круг. Победникот сепак мора да обезбеди двотретинско мнозинство за да биде избран.

На крајот, ќе се слушне прогласувањето Habemus papam – „Имаме папа“ – од балконот на базиликата Свети Петар, а новоизбраниот папа ќе се појави пред верниците.

Колку папи имало досега?

Папата Франциск беше 266-от папа во речиси 2.000 години историја на Римокатоличката црква. Првиот папа бил Свети Петар, апостол на Исус Христос, според верувањата на Католичката црква.

Share This Article