Реализирањето на најавата за ограничување на маржите на 10 % за основните прехранбени производи, детергентите и бебешката храна до 30 април ќе го доведат во прашање опстанокот на 86 трговски фирми и 4.700 вработени, велат од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун.
Комората, основана пред 3 дена, бара средба со владата, за да ги презентира своите аргументи за сегашната состојба, пред да се донесе најавената одлука.
– Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и за реструктурирање на работењето и затворање на маркетите. Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4700 вработени. Овие податоци, треба да ја загрижат и Владата- велат од Комората.
Оттаму додаваат дека во своето работење имаат високи трошоци, што дополнително ќе влијае на нивниот опстанок.
– Нашето опстојување е оптоварено и со останатите давачки. Nа пример, цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72%, за дистрибуција 25%. Платите во 2024 година, споредено со 2023 година, се зголемени околу 20%, а од март ќе има ново покачување. Освен овие, да ги споменеме и другите комунални давачки и сервисирањето на опремата со која работиме. Сите овие оптоварувања, немаме можност да ги издржиме со бруто-маржа од 10%, односно нема да можеме стоката да ја ставиме на рафт, а не пак да ги услужуваме нашите потрошувачи. Со 10% бруто-маржа не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15 до 20% – велат од Комората.
Комората предлага да се земат предвид и анализите, кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика што ја водат доставувачите и производителите.
– Ние никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или на доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не им се испорачуваат производите – велат од Комората.
Според податоците на Комората, само во јануари до маркетите се пристигнати нови ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи.
– Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува. Ако се погледнат бројките, се гледа и вистината, дека супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените – велат трговците.
Од Комората велат дека не сакаат да преземат радикални мерки, протести, блокади и слично, бидејќи станува збое за сериозни и посветени стопанственици, со долгогодишно постоење и работење во секторот трговија. Тие само бараат итна средба со Владата, со цел да ги образложат состојбите.
– Имаме пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката. Ако има зголемена понуда, цените самите се намалуваат, без да интервенира Владата. А за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството – заклучуваат од Комората.