Со акробатско летање со авиони и едрилици, прелети во група и низок прелет на патнички авион, падобранци со најголемото државно знаме од воздух, и со изложување на првото летало на македонската авијација, Аероклубот Скопје денеска со свечен настан одбележа „100 години македонска авијација“.
Посочувајќи дека во 1923 година е формиран првиот аероклуб во нашата држава, Аероклубот Скопје, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, истакна дека нашата авијација помина низ многу предизвици поминувајќи преку разни општествени прилики општествени уредувања, војни кризи и непогоди.
– Но, со упорноста и големата верба успеа да ги надмине предизвиците и да добие епитети на почит и уважување. Велам многу предизвици бидејќи скромните почетоци пред 100 години, денес се претворени во солидна база за успеси на македонското воздухопловство, не само на нашата држава, туку и надвор од неа, а тоа го докажуваат и многуте заеднички активности кои нашите пилоти, нашите авијатичари ги реализирале и ги реализираат како преку учество во акции и зачувување на човечки животи во државата, така и преку заеднички и регионални и глобални акции на полето на безбедноста – наведе Ковачевски.
Во рамки на настанот се одржа богата програма во која учествуваа над 30 различни воздухоплови од земјава и странство, како и падобранци од нашата земја и од целиот регион.
Беше изведено акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. На македонското небо, падобранците го развеаја најголемото државно знаме досега, а едриличарите реализираа акробации кои се стандардни за аеромитинзи. На аеромитингот, посетителите имаа уникатна можност да го видат првиот македонски воздухоплов „Илинденка” дизајниран и произведен во нашата држава од членови на Аероклубот Скопје. Специјални гости на настанот беа авионите на воздушните сили на Србија, Италија и Грција кои имаа свои изведби.
На настанот присуствуваа и се обратија министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри и претставниците од Аероклубот Скопје, Дејан Саздовски и Јане Стефанов.
Фото: Прес служба на Владата на РСМ