Словенија ќе ги продолжи граничните контроли со Хрватска и со Унгарија за уште 6 месеци, односно до 21 декември, објави во средата словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар, пренесува словенечката агенција СТА.
Поклукар рече дека надзорот ќе продолжи да биде насочен кон спречување на криминалот, со што е можно помало влијание врз локалното население.
Словенија ова го реши на денот кога италијанското МВР соопшти дека контролите на границата со Словенија ќе продолжат уште 6 месеци, пишува италијанската агенција АНСА.
Словенија и Италија ги воведоа овие контроли во октомври поради влошувањето на безбедносната ситуација на Блискиот Исток и зголемената закана од тероризам.
Како што објасни Поклукар на прес-конференцијата, ситуацијата таму не е подобрена или се влошува.
– Со оглед на тоа што ситуацијата не е подобрена, а безбедносната состојба на Блискиот Исток продолжува да се влошува, Словенија ќе ги продолжи контролите за следните 6 месеци – рече Поклукар.
Два големи спортски настани во ЕУ летово – Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Франција бараат дополнително внимание на границите, смета словенечкиот министер за внатрешни работи.