Словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан и ранет во средата со што стана последниот европски лидер кој беше цел на атентат.
Иако обидите за убиство врз лидери во Европа беа релативно ретки во последните 50 години, бројни истакнати европски политичари беа цел на напади во последните децении, пренесува Ројтерс.
Овие случаи се истакнаа:
Зоран Ѓинѓиќ, 2003 година
Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ беше убиен во март 2003 година во Белград. Ѓинѓиќ беше прозападен политичар кој го предводеше соборувањето на автократот Слободан Милошевиќ во 2000 година.
Ана Линд, 2003 година
Шведската министерка за надворешни работи и водечка социјалдемократска политичарка Ана Линд беше смртно ранета во напад со нож во стоковна куќа во центарот на Стокхолм во септември 2003 година. Напаѓачот беше уапсен две недели подоцна и осуден на доживотен затвор. Нејзиниот убиец Мијаило Мијаиловиќ има семејно потекло од Србија.
Жак Ширак, 2002 година
Францускиот претседател Жак Ширак преживеа обид за атентат во јули 2002 година додека ја гледаше парадата за Денот на Бастилја. Напаѓачот пукал кон него, но промашил.
Пим Фортејн, 2002 година
Добро познатиот холандски политичар кој беше критичен кон имиграцијата и исламот, Фортејн беше убиен во мај 2002 година, девет дена пред општите избори. Тој беше убиен од активист за правата на животните.
Киро Глигоров, 1995 година
Нападот врз првиот претседател на независна Македонија беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.
Убиството остана нерасчистено.