Татко и дедо на девојче, кое паднало во хотелски базен во Австралија, се удавиле откако скокнале во водата за да ја спасат. Иако набљудувачите набргу ги извлекле од водата и се обиделе да ги оживеат додека не дошла брзата помош, и двајцата доживеале срцев удар и починале на местото на настанот, пренесува порталот Сан.
38-годишниот Дармвир Синг и 65-годишниот Гурџиндер Синг изгубиле свест додека се обидувале да ја спасат својата двегодишна ќерка и внука која си играла покрај базенот на покривот на апартманите „Top of the Mark Holiday“, се лизнала, па паднала во водата.
По неа нурнала и нејзината мајка, која не знаела да плива, што ги натерало Дармвир и Гурџиндер да им помогнат. Двегодишното девојче и неговата мајка итно се пренесени во болница и се во стабилна состојба.
Семејството наводно отпатувало на одмор во Голд Коуст во Австралија.
Службеникот од брзата помош во Квинсленд Мичел Вер рече дека сцената била исклучително емотивна.
– Не изгубија само еден, туку двајца членови на семејството. Овие инциденти можат да имаат долгорочни последици, не само за вклучените членови на семејството, туку и за луѓето кои биле на местото на настанот – додаде тој.
Плачот на ожалостената мајка наводно се слушал низ целата улица по трагичната несреќа, а жителите на околните згради не можеле да спијат по глетката која ја сведочеле.
– Знаеме дека децата, па дури и возрасните, може да се удават во рок од неколку секунди доколку се најдат во такви ситуации – заклучи Вер.