Синдикатот за образование бара децата да останат во клупите

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот профил на Фејсбук објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да најдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

– Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците – наведува СОНК.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.
– На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука – рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.

Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите. За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

– Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеца – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електрична енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и од ЗЕЛС, а нас нѐ поддржуваат и други градоначалници – изјави Таравари.

Share This Article