More

    Синдикатите не им веруваат на предизборните трикови на политичарите

    spot_img

    Бизнисмените се согласуваат со можноста за намалување на работното време, односно работна недела од 35 часа да се внесе како опција за работодавачите во Законот за работни односи, но со назнака да се применува кај работодавачите кои можат да го дозволат тоа без да им ја намалат платата на работниците и да не изгубат од конкурентноста на пазарот. Синдикатите во овој предлог на СДСМ гледаат само предизборна популистичка мерка која не може да се реализира без вистинско мерење на продуктивноста на работниците во сектори и без анализа дали може да се примени за сите работници.

    Ова е првата реакција по најавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека доколку СДСМ остане на власт по парламентарните избори ќе го намали бројот на работни часови во текот на неделата на 35 часа во 3 сектори со тоа што на работниците нема да им се намалат платите. Според вицепремиерот, мерката ќе ја зголеми продуктивноста и бројот на работници.

    Бизнисмените сметаат дека во дел од услужните дејности е можно да се намали дневниот ангажман на работниците, но тоа не може да се воведе во индустријата, посебно во трудоинтензивната која и сега има високи трошоци за работна рака и едвај се бори со конкуренцијата на пазарот.

    – Добро е да се воведе како опција во Законот за работни односи, но за индустријата, посебно трудоинтензивната и во онаа каде што се работи во 3 смени вакво намалување на работното време не е изводливо од повеќе причини. Прво во различни сектори имаме различна продуктивност, па секое неисполнување на предвидените норми ќе значи зголемување на трошоците по работник. Или поинаку да кажам не може на работниците од 10 прсти да им ги зголемиме на 15 за да го изработат она што го работат за 7,5 часа сега во текот на работниот ден. Продуктивноста може да се зголеми само со автоматизација на производството, а не со желба работниците за помалку часови да изработат повеќе производи. Друг проблем е што со намалување на работните часови ќе се зголеми потребата за нови работници кои во земјава ги нема зашто оние кои се невработени не сакаат да работат или земаат социјално и работат во сивата зона. Тоа треба да го согледаат сите и најмногу политичарите. Проблем е и тоа што трудоинтензивните дејности и сега не се конкурентни на пазарот со своите производи во однос на производот кој доаѓа од Далечниот Исток бидејќи имаат далеку повисоки трошоци за работниците од таму, а со зачувувањето на истите плати тоа ќе биде уште потешко – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи и сопственик конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.

    Тој додава дека покрај во текстилната индустрија ваков начин на работа нема да може да се воведе ниту во земјоделството, ниту во градежништвото, а најмалку во компаниите кои работат во 3 смени.

    – Еве за почеток нека им предложат на „Бехтел и Енка“ да го организираат работното време на работниците на ваков начин. Дали ќе прифатат? – вели Димитров.

    Тој смета дека вакво работно време може да имаат банките, осигурителните компании и повеќето услужни дејности.

    Синдикатите сметаат дека на влада која им понуди на работниците да работат 6 дена во неделата по 12 часа не може да ѝ се верува дека направила добра анализа за да предложи намалување на работните часови од 40 на 35 во текот на неделата.

    – За неверување е дека ова не е само популистичка предизборна мерка. Не е за верување дека по нецела година откако истата влада предложи работниците кои се ангажираат во „Бехтел и Енка“, да работат 6 дена во неделата по 12 часа сега предлага намалување на работните часови во текот на неделата. Истата влада пред 5 години не се согласи со нашиот предлог да се направи пилот-проект со кој ќе се намалат работните часови во текот на неделата на 36 часа, односно ќе се работи 5 дена во неделата, а 2 дена ќе се одмараат работниците, за да се види дали работниците ќе ја зголемат продуктивноста – вели претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски.

    Тој смета дека за да се реализира еден ваков предлог треба да се направи добра анализа, вистински да се измери продуктивноста по сектори, а по воведувањето да се засили контролата.

    – Првин треба вистински да се измери продуктивноста на работниците по сектори и каде може да се проба да се воведе ваква работна недела, па дури потоа да се воведе во останатите сектори. Сега не се мери продуктивноста месечно, туку на 6 месеци или годишно, а работниците се плаќаат авансно според тоа како работодавачите мислат дека работниците ќе бидат продуктивни. Дополнително, треба да се реши и прашањето на незаконска прераспределба на работниците која се прави сега од работодавачите за да не им се платат прекувремените часови. И на крај, не е толку важно колку саати ќе работат работниците и дали платата ќе им порасне во следниот период, ако во исто време цените незапирливо растат, па работниците не можат да излезат на крај. Не е исто кога стандардот им расте и кога имаат повисока плата, а осиромашуваат поради високите цени – вели Пешевски.

    Тој смета дека за почеток овој предлог на министерот Битиќи би бил применлив само во администрацијата.

    Владата и претходно имаше обид да ја намали работната недела во 2021 година. Тогаш беше планирано работната недела да трае 4 часа пократко за администрацијата. Тоа беше предложено во рамки на новиот предлог закон за административни службеници.

    Според членот 55 од овој предлог закон, полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно 8 часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено. Со овој закон се предвидуваше административците да можат да одат во пензија на 55 години.

    Претходно (2019 година) и синдикатот на УПОЗ предложи 35-часовна работна недела да се внесе во Законот за работни односи.

    – Со седумчасовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот. Со намалување на работното време за 10,2 % од секој работник, теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање на дополнителен број работници – рекоа тогаш од УПОЗ.

    Голем број земји и компании во светот последните години тестираат 4-дневна работна недела. Во дел од овие земји работниците и сега работат помалку од 40 часа во текот на неделата. Последните податоци за земјите од Европа покажуваат дека земјите од Балканот имаат најдолга работна недела (во Црна Гора е 42,8 часа), додека најкуса работна недела има во Холандија, просек од 29,5 часа неделно, а потоа следат Данска (32,5 часа) и Норвешка (33,6 часа). Македонците просечно неделно работат по 39 часа.

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img