Шведскиот производител на автомобили „Волво“ се збогуваше со дизел автомобилите. Деновиве беше произведен последниот автомобил од дизел моделот XC90 SUV во фабриката во Торсланда во Шведска.
Последниот дизел што излезе од производната лента е синиот XC90 со дволитарски турбодизел, пренесуваат веб-страниците за автомобили, потсетувајќи дека „Волво“ произведува дизели веќе 45 години.
Компанијата соопшти дека планира да произведува само електрични возила до 2030 година.
– Сосема сме уверени дека имаме многу добри понуди за клиентите дури и без дизелот – изјави Ерик Северинсон, извршен директор за нови автомобили и оперативна стратегија на компанијата.
Во 2017 година, компанијата стана првиот голем производител на автомобили кој се обврза на постепено укинување на возилата кои се напојуваат исклучиво од фосилни горива и оттогаш воведе неколку хибридни и целосно електрични модели.
Во Европа, главниот пазар на марката, дизел автомобилите го достигнаа врвот пред 9 години, со околу половина од новите продажби.
Последниот XC90 компанијата планира да го покаже на отворањето на музејот на Волво следниот месец во Гетеборг.