Што ќе се случи ако пекарите престанат со производство на леб?
Ќе фрчат инспекции и ќе се активираат другите институции, како што е Комисијата за заштита на конкуренцијата. Вака денеска на прес-конференцијата посветена на замрзнувањето на цената на лебот, на новинарско прашање одговори министерот за економија Крешник Бектеши.
– Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во согласност со нашите податоци, во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со Законот за трговијата и Законот за заштита на потрошувачите има одредби што треба да ги утврдат од надзорите што би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби – рече Бектеши.
Пекарската индустрија вчера се закани дека нема да произведува леб ако Владата ја донесе мерката за замрзнување на неговата цена на 33 денари.
– Ако Владата ја донесе мерката за ограничување на цената на лебот, од следниот ден нема да има леб на пазарот – изјави вчера Горан Малишиќ, престедател на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија по состанокот во Стопанската комора на Северна Македонија.
Министерот за економија Бектеши соопшти дека ограничувањето на цената на лебот на 33 денари ќе важи до 31 мај, а пред целата јавност објасни колкави биле цените на горивата, струјата и на брашното, кои влијаат на крајната цена на лебот. Тој ја повика групацијата на пекари да разговараат, за да се најде соодветно решение, преку одржливи одлуки, бидејќи не треба да се предизвикува хистерија којашто ги вознемирува граѓаните.
– Проверено е од сите институции – претседателот на групацијата, едниот од двајцата, како сопственик на една од најголемите компании која произведува леб, во моментов држи цена под 33 денари . Тоа е утврдено од проверките на Државниот пазарен инспекторат. Затоа, да не креираме хистерија, дека не знам што ќе се сторело – рече министерот.
Според него, цените на лебот биле и по 28 денари во некои градови.
– Цените на белиот леб и полубелиот леб се движат од 28 денари, до 40 па и до 45 денари, во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден вид леб, зборуваме само за два вида од големата лепеза производи, значи дека ние мислиме дека тоа не е во ред. Секако дека тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и на потрошувачите – додаде Бектеши.
Тој направи споредба колкави биле цените на горивата, струјата, брашното од ноември до февруари.
– Ако во октомври и ноември, цената на дизелот, на пример, како инпут за цената на производството, беше 99,55 денари и 93 денари, денес и во текот на јануари просечна цена е 87,88 денари и има најави за намалување. Природниот гас, кој одредени големи производители го користат како енергенс за производство на леб, посебно во Скопје, во октомври бил 134,9 по мегаватчас, во ноември 116,82 евра, во јануари 56,55 евра и во февруари 51,61 евра. И сега секој може да ги направиме проценките, процентуално колку се намалени цените во делот на енергенсите. Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечна цена според Хупекс (референтна берза) за октомври е 193,94 евра. Во ноември цената била 222,4 евра, додека во декември 261.15 евра. Сите добија повластена цена од 80 евра. Во јануари и во февруари цената падна на 148,69 и на 145.99евра, а сите производители пак добија цена од 80 евра по мегаватчас. Цените се без трошок за пренос и дистрибуција, што значи дека се минимум 20 отсто повисоки од графиконот – објасни Бектеши.
Министерот посочи дека и брашното е поевтинето.
– Просечната цена на брашното кај нас, во големопродажба, во октомври-ноември беше 30 денари по килограм. Во јануари-февруари падна на 28 денари по килограм. Цената сега се движи од 26 до 28 денари – објасни Бектеши.
Бектеши прецизно ја цитираше владината одлука: „Со оваа одлука се определуваат највисоки цени во трговијата на маало со бел леб и полубел, сечен на парчиња или цел. Највисоките цени од ставот 1 на овој член се утврдуваат во висина на цена која изнесува 33 денари по леб, со тежина која изнесува 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама, се утврдува во висина до 33 денари по леб, цена во сооднос со лебот“.