More

    Што ќе донесе посетата на Орбан на Македонија?

    spot_img

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан, заедно со делегација од унгарската vлада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава.

    Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

    Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, утре (петок) ќе оствари официјална тет-а-тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација. Утре ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

    Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид.

    Охриѓани да ги „кренет“ возилата

    Во Охрид полицијата презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците Илинденска и Коста Абраш денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила. Додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите Туристичка и Македонски просветители, улиците Абас Емин и Кирил и Методиј, како и регионалниот пат Охрид – Св. Наум.

    Во координација со локалната самоуправа екипи на ЈП „Охридски комуналец“ спроведоа акција за чистење на плажите на потегот меѓу автокампот „Љубаништа“ и реката Черава.

    Сопствениците на патнички и други моторни возила треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот Туристичка и улиците Коста Абраш, Цар Самоил и Кејот Македонија.

    Унгарскиот кредит – мотор за општините и за бизнисите

    За време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.

    Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

    Опозицијата во Собранието, тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти со него ќе им се помогне на општините и на стопанството.

    На јавниот повик од Владата за прибирање апликации за проекти се пријавија 80 општини кои доставија 357 проекти со кои би се решиле конкретни проблеми на граѓаните.

    Одликуван со орден за заслуги

    Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

    Унгарија, како моментален претседавач на Европската Унија, би можела да игра клучна улога во поддршката на Македонија на патот кон членство во ЕУ. Иако Орбан не е омилен лидер во многу од земјите членки на Унијата, неговото влијание не може да се занемари. Соработката со Унгарија би можела да ги отвори вратите за побрзо приближување на Македонија кон европските структури.

    Орбан, кој често се претставува како бранител на националниот суверенитет, би можел да искористи својата позиција за да лобира за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Македонската влада гледа во Унгарија потенцијален спонзор за нејзиниот евроинтеграциски процес, иако ваквата поддршка може да наиде на отпор кај некои други членки на ЕУ.

    По Орбан доаѓа Вучиќ

    Посетата на Орбан може да има и стратешко значење во контекст на јакнењето на транспортниот и енергетскиот коридор Север-Југ. Македонија е дел од овој коридор кој ги поврзува Унгарија, Србија и Грција, а добрите релации на Орбан со српскиот претседател Александар Вучиќ може дополнително да го зајакнат овој проект. Ова е витално за енергетската и економската безбедност на регионот.

    Орбан и Вучиќ имаат тесни политички и економски врски, кои се рефлектираат и врз нивните заеднички проекти. Нивното партнерство може да создаде нови можности за Македонија, особено во контекст на регионалната соработка. Посетата на Орбан е вовед во посета на Вучиќ на Скопје до крајот на годината, што покажува дека двете земји гледаат на Македонија како важен дел од оската Север-Југ.

    Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се очекува да ја посети Македонија во декември 2024 година, во рамки на регионалните иницијативи за соработка, особено поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“. Оваа посета ќе се одржи пред крајот на годината и е дел од тековните активности за зајакнување на односите меѓу земјите од Балканот, со акцент на економската и политичката интеграција. Покрај економските прашања, оваа посета ќе има и политички димензии, особено во контекст на стабилноста на регионот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img