More

    Што го испишмани Бесими да го поништи покачувањето од 30 отсто?

    spot_img

    Дали се во прашање законите или министерот за финансии и владата се повлекоа од најавата дека ќе им ги зголемат платите на вработените во министерствата најавени со Буџетот за годинава? Прашањето се наметна по вчерашниот протест на вработените во Министерството за финансии, кои реагираа откако министерот за финансии Фатмир Бесими ги повлече решенијата за зголемување на нивните плати за 30 отсто за јануари.

    Зголемување на платите на вработените во повеќе министерства е предвидено во Буџетот за годинава. Според него, платите во Министерството за финансии ќе се зголемат за 30 отсто, во Министерство за образование за 29 отсто, во Министерство за одбрана близу 15 отсто, а предвидено е да растат платите во целиот јавен сектор од 5 отсто.

    Повлекувањето на одлуката за зголемување на платите во Министерството за финасии, но различниот процент на зголемување на платите во одделни министерства и целиот јавен сектор ги разгневи синдикатите, предизвика и реакции во јавноста, а службен став најави и Комисијата за дискриминација.

    Познавачите на состојбите, пак, велат дека можеби удел во одолговлекувањето на зголемувањето на платите во Финансии има состојбата на буџетот од кој треба да се финасира тоа.

    Владата ќе менува закони за да им ги зголеми платите на вработените во финансии

    Владата и Министерството за финансии се обидоа да излезат од проблемот со образложение дека не се доведува во прашање зголемувањето на платите на вработените во Министерството за финансии, туку дека немало законска основа за тоа.

    – Примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза како системско решение во јавниот сектор – појасни Министерството. Но, остана неодговорено прашањето од кој месец овие вработени ќе можат да сметаат на повисоки плати.

    Од владата, пак, соопштија дека одлуката за зголемување на платите во Финансии не може да се спроведе поради неможност да се утврди специфичноста на работните задачи и посебната одговорност, којашто произлегува од работното место, зашто Законот за системот на плати во јавниот сектор не е уште донесен. Вработените треба да чекаат пратениците да ги донесат законските измени , па да ги добијат ветените покачувања.

    Што му го смени мислењето на Бесими?

    Претходно министерот за финансии Фатмир Бесими го оправда зголемувањето на платите во Финансии со одливот на кадар од ова министерство поради ниските плати. Бесими рече дека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просечната плата во целиот сектор Финансии, која изнесува 49.800. Во Министерството за финансии таа изнесува 26.000 денари. Кога станува збор за раководните позиции во секторот Финансии и Министерството за финансии, овој сооднос е уште поголем, рече Бесими.

    – Во време на крупни реформи во јавните финансии и усогласување со АКИС на Европската Унија, неопходно е стручните и професионални кадри да останат во институцијата и да се спречи одливот на кадар, нешто што се случува изминативе години – рече Бесими.

    Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, зголемувањето на платите во Финансии го оправда со фактот дека Министерство за финансии е столбот на една држава.

    – Тие се одговорни да креираат политики, но тие се и чувари на средствата на државата и мора соодветно да мотивираме луѓе да останат во Министерство за финансии. Затоа, искрено, јас имам различно гледање на тоа што е многу, а што е малку. Ако ме прашате дали 30 отсто за луѓето во Министерство за финансии или за луѓето во мојот кабинет, кои оперираат со портфолио кое веројатно ниедна друга институција го нема, ќе речам дека тоа е малку, затоа што тие заслужуваат и повеќе – рече Битиќи.

    Со новиот Законот за органско буџетирање, кој е во собраниска процедура повеќе од две години, Министерство за финансии и вработените во Министерство за финансии добиваат нов третман, нова систематизација и нов начин на одредување на платите, рече вицепремиерот.

    Според познавачите, ваквото однесување на владата и на министерот за финансии, е поврзано со состојбата на Буџетот.

    – Владата има големи зафаќања од Буџетот на почетокот на годината, па можеби поради тоа, а и поради слабиот прилив на пари, буџетот е во неповолна состојба. Министерот, како прв финансиер, мора да внимава каде ги насочува парите. Ова може да е причина за повлекувањето на одлуката за зголемување на платите, иако владата и министерот се правдаат дека немаат законска основа и дека новиот закон за плати во јавната администрација ќе го реши тоа. Сепак, беше нејавено дека овие вработени ќе се издвојат со платите на другата администрација поради обемноста на работата, што во основа е дискриминирачко – велат тие.

    Но, но токму ова издвојување на вработените во министерството од другите во финансискиот сектор, како и различното зголемување на платите во другите министерства, предизвика реакција во јавноста и синдикатите кои сметаат дека разликата во процентуалното зголемување на платите на одделен дел административци кои вршат иста работа, ќе предизвика незадоволство на вработените и непотребен одлив на кадарот.

    Синдикатите бесни од однесувањето на министеот кон вработените

    Вработените во Министерството за финансии, иако јавно не кажуваат за своето незадоволство, сепак во голем број најавуваат заминување од работните места. Синдикатот на УПОЗ вчера и ССМ денеска, по штрајкот на вработените во Министерството за финансии, оценија дека министерот Бесими манипулира со работниците и незаконски ги повлекол решенијата за повисоки плати што работниците веќе ги добиле.

    – Министерот за финансии реши да направи кривично дело и да го прекрши законот кој го бранеше пред само неколку дена. Спротивно на сите правни норми реши да ги повлече сите решенија кои вработените веќе ги добиле, а се однесуваа на зголемување на платата за 30 отсто – рекоа од УПОЗ.

    Од ССМ, пак, додаваат дека Бесими лицемерно се однесува кон вработените.

    – Пред два дена го бранеше ова зголемување на плати за да го задржи кадарот, а со вчерашните случувања очигледно веќе тој кадар не му е потребен и брка од работа повеќе од 650 вработени во Министерството за финансии и на своја рака прави упад во правниот поредок на државата и применување на законите. Иако донесоа Закон за буџети за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 отсто, сега одлучуваат да не го почитуваат и да не го спроведуваат законот, па Владата наместо да го следи добриот пример и за сите работници во јавниот сектор да ги зголеми платите, со вчерашниот чин таа сака да им скрати и да земе од работниците и од нивните плати – велат од ССМ.

    Синдикатите се загрижен и од фактот што вработените од финансии се издвојуваат од останатите вработени во истото министерство. УПОЗ денеска информира дека незадоволство од состојбата со платите и одлив на кадар има и во Бирото за јавни набавки, кое е орган во состав на Министерството за финансии, но таму не е предвидено зголемување од 30 отсто на платите.

    – Платите на вработените во Бирото воопшто не се зголемени со години, ниту пак се овозможи исплата на додатоци на плата како што беше предвидено за министерствата минатата година. Во што е работата на Бирото помалку сложена или помалку одговорна од другите чинители во управувањето со јавните финансии? – велат од УПОЗ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img