Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз е добитник на овогодишната награда „Стефан Едберг“ за спортско однесување кое препознава фер игра, професионализам и интегритет на теренот и надвор од него.
– Многу сум среќен што ја освоив наградата „Стефан Едберг“ за спортско однесување. Особено сум среќен бидејќи ова е награда која ми ја доделија моите колеги на теренот. Тоа многу ми значи и затоа на сите многу им благодарам – рече 20-годишниот шпански тенисер.
Алкараз е четвртиот Шпанец кој ја освои оваа престижна АТП награда, приклучувајќи им се на Хосе Игуерас (1983), Алекс Кореча (1996, 1998) и петкратниот добитник Рафаел Надал (2010, 2018, 2019, 2020, 2021).
Алкараз оваа година освои шест титули, а најголемиот успех го постигна со триумфот во пет сетови над Србинот Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон.