Во Шпанија беснеат неколку шумски пожари поради шестдневниот топлотен бран. Најалармантниот пожар во близина на Балдомар во Каталонија веќе уништи 500 хектари шума, а локалните власти предупредуваат дека може да се прошири на повеќе од 20.000 хектари.
Каталонските власти превентивно затворија неколку станбени области.
Во провинцијата Леида, каде температурите денеска достигнаа 41 Целзиусов степен и во провинцијата Тарагона, во моментов беснеат уште два пожари кои уништија речиси 300 хектари земја, соопштија каталонските власти.
Пожарникарите се борат со пожарите низ државата. Два шумски пожари беа локализирани во текот на ноќта во Навара, соопштија регионалните противпожарни служби. Тие се борат и со пожарот во планините Сиера де ла Кулебра во провинцијата Замора во централна Шпанија.
Топлотниот бран што ја зафати Шпанија оваа недела е најраниот таков силен топлотен бран во последните децении, со температури од седум до 12 Целзиусови степени повисоки од сезонскиот просек. Се очекува да трае до сабота, соопшти шпанската метеоролошка агенција.
Шпанија го забележа најтоплиот мај од почетокот на 21 век, додека Португалија го имаше најтоплиот мај од 1931 година. Научниците велат дека топлотните бранови стануваат се почести поради климатските промени. Со текот на времето, зголемените глобални температури се очекува да ги направат топлотните бранови почести и поинтензивни, а нивните ефекти пошироки.