Шест бродови натоварени со жито испловија од украинските пристаништа на Црното Море по враќањето на Москва на договорот за извоз на жито, изјави во четвртокот турскиот министер за одбрана, јавуваат новинските агенции.
„Шест бродови испловија од украинските пристаништа откако беше обновена иницијативата за жито“, рече Хулуси Акар во Анкара, според веб-страницата на турското Министерство за одбрана.
Со ова вкупниот број на бродови од Украина, кои превезуваат повеќе од 9,7 милиони тони жито, се искачува на 426 од стапувањето во сила на јулскиот договор со посредство на Турција и ОН, рече Акар.
Турција се надева дека договорот за извоз на жито ќе помогне „да се отвори патот кон прекин на огнот и мир“, рече турскиот министер, пренесува ДПА.
Москва се врати на договорот откако со посредство на Турција доби гаранција од Украина дека нема да го користи морскиот коридор за воени дејствија против Русија.
Но, Украина останува на ставот дека не презела нови обврски надвор од условите од јулскиот договор за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море по руската инвазија, изјави во четвртокот портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, според Ројтерс.
Портпаролот Олег Николенко напиша на Фејсбук дека Украина никогаш не го користела црноморскиот „коридор“ за жито за воени цели и никогаш немала намера да го стори тоа.