Европската унија мора да се подготви за нагло зголемување на синтетичката дрога фентанил, изјави за Политико европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон.
Таа одговори на предупредувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Европа или сè уште не открила проблем со синтетичките дроги или наскоро ќе открие.
Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.
На придружниот настан на Генералното собрание на Обединетите нации за заканите по здравјето и безбедноста од синтетичките дроги, американскиот претседател Џо Бајден ги повика сојузниците сериозно да ја сфатат заканата од фентанил, рече Јохансон.
„Тоа е проблем што го имате, само уште не го знаете или тоа е проблем што ќе го имате наскоро“, биле зборовите што Блинкен му ги упатил на комесарот Јохансон во разговорот за синтетичките дроги.
Соединетите Држави се обидуваат однапред да ги предупредат своите сојузници „за другите да го немаат истиот проблем што го имаат“, изјави Јохансон за Политико.
Таа додаде дека фентанилот и другите синтетички дроги во моментов не претставуваат голема закана за Европската унија, имајќи предвид дека канабисот е најпознатата дрога на континентот, а кокаинот е оној чија потрошувачка најмногу се зголемува.
Меѓутоа, во споредба со САД, каде синтетичките дроги се шверцуваат од земји како Мексико, Европа има лабораториски капацитети за производство на синтетички дроги, што многу лесно може да предизвика криза, истакнува Јохансон.
„Капацитетите за производство на фентанил во Европската унија постојат, ние ги имаме“, тврди Јохансон.
„Ова, се разбира, значи дека производството може да започне веднаш штом некој одлучи да започне и реши дека има побарувачка.
Во 2021 година во ЕУ беа затворени 434 нелегални лаборатории за производство на синтетички дроги, се вели во Европскиот извештај за дроги од оваа година.
Експертите од Европската агенција за дрога предупредија претходно оваа година дека забраната на Талибанците за одгледување афион во Авганистан може драстично да го намали увозот на хероин во Европа, што, пак, може да доведе до зголемување на синтетичките опијати.
Мора да бидеме внимателни и подготвени“, предупредува Јохансон.
ЕУ веќе работи на зајакнување на мандатот на својата агенција за лекови, која се занимава и со здравствените и безбедносните аспекти на недозволените дроги, давајќи и многу повеќе овластувања и двојно повеќе ресурси, рече таа.
Европскиот план за борба против трговијата со дрога, што го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата, ќе биде усвоен на крајот на оваа година, потврди Јохансон.