Септемвриските плати на вработените во ЈСП „Скопје“ се под знак прашалник, откако на денешната седница на Советот на Град Скопје мнозинството од советниците не гласаше за доделување субвенции од 110 милиони денари за јавното претпријатие.
Вкупно 16 советници гласаа за донесување на одлуката за доделување субвенции на ЈСП „Скопје“, но тоа не беше доволно за усвојување на оваа одлука.
Претставникот од секторот за сообраќај од Град Скопје, Александар Станковски, рече дека не станува збор за зголемување на средствата за 110 милиони денари, туку овие средства биле претходно останати во буџетот на Градот и дека во моментов претпријатието има потреба од нив. Тој посочи дека средствата се потребни за да нема застој во јавниот сообраќај на патници во главниот град.
Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот, Марија Андоновска, посочи дека во повеќе наврати бара информации од ЈСП „Скопје“ каде и за што се трошат парите на граѓаните. Таа додаде не им се даде увид црно на бело за што точно е потребни тие 110 милиони денари.
– Советот оваа година изгласа на претпријатието му се дадат 630 милиони денари, но ние ниту еднаш не добивме извештај за што се потрошени тие средства. Така бараме и сега извештај за што точно ќе се трошат тие 110 милиони денари. Доколку не добиеме извештај, ние нема да ги поддржиме субвенциите – рече Андоновска.
Советничката Ирена Витина се обиде да го оправда донесувањето на одлуката за доделувањето на потребните средства, така што посочи дека тие веќе еднаш биле доделени како 550 милиони денари, биле потрошени 440 милиони од ЈСП „Скопје“, а сегашните 110 милиони денари се дел од буџетот и се бара од советниците да одобрат нивно активирање.
Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, објасни дека средствата се потребни за плаќање рата за купувањето на новите 33 автобуси, а остатокот од парите за исплата на плата на вработените во ЈСП „Скопје“.
– Наменетите средства исклучиво се однесуваат на плати за вработените во ЈСП, како и за ратите од кредитот за автобусите кои се купени во 2019 година. Средствата кои се побаруваат се со конкретна намена. Знаете дека Владата веќе не исплаќа средства за превоз на учениците, а обврската падна на ЈСП што е голем товар – рече Глигоров.
Тој побара од советниците да гласаат за доделување на субвенциите, возачите да земат плата за да не се направи дисторзија во работењето на ЈСП „Скопје“.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески пред гласањето за точката за субвенции за ЈСП „Скопје“ изјави:
– Јас чувствувам одговорност за извршувањето на основната дејност на Јавното претпријатие, но во право се советниците коишто во континуитет укажуваат дека се барани извештаи за работењето и одговори, но ништо од тоа. ЈСП е наше дете и му треба поддршка, но јас како советник сум во дилема дали да гласам или да се обидеме да ги доведеме работите во нормала, кога советниците бараат информација да бидат удостоени.