Селото Ололаи на Сардинија во Италија намириса добра бизнис можност откако Доналд Трамп по вторпат беше избран за претседател на САД, пишува Си-Ен-Ен. Ололаи ги повика незадоволните од Трамп да се вселат, а некои куќи во селото се нудат и за 1 евро од квадратен метар.
„Дали сте уморни од глобалната политика? Дали сакате да уживате во побалансиран начин на живот, со многу нови можности? Време е да започнете да работите на вашата преселба во Европа во прекрасниот рај на Сардинија“, се вели на веб-страницата на селото.
Претставникот на селото Франческо Колумбу објасни дека страницата е создадена специјално за да привлече незадоволни американски гласачи по претседателските избори. Тој објасни дека ја сака Америка и дека е убеден дека Американците ќе помогнат за заживување на селото кое со децении губи жители.