Седум лица загинаа, вклучително и три деца, во напад со руски дрон врз бензинска пумпа во Харков, во источна Украина, во саботата, изјави гувернерот на тој регион, Олех Синехубов.
Тој на Телеграм објави дека „бројот на загинатите во нападите на Харков се искачи на седум“.
– Меѓу нив има три деца, на возраст од седум и четири и едно шестмесечно бебе – напиша гувернерот, пренесе Хина, повикувајќи се на АФП.
Според градоначалникот на градот, Ихор Терехов, Русите извршиле напад со ирански беспилотни летала Шахид и погодиле бензинска пумпа која се запалила, а пожарот зафатил 14 куќи.
Околу 50 луѓе се евакуирани од областа зафатена од пожарот.
Бензинската пумпа беше погодена од три беспилотни летала и уништена е „чувствителна инфраструктура“, а се излеа и огромно количество гориво што предизвика толку голем пожар, изјави регионалниот обвинител Володимир Тимочко.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, објави видео на кое се гледа како пламен и чад се издигнуваат на широк простор.
Нападот во саботата уследи по серијата ноќни напади врз Харков и уште поисточниот град Велики Бурлук.
Во црноморското пристаниште Одеса, регионалниот гувернер изјави дека едно лице е повредено во нападот со дрон.
Три лица загинаа во гранатирање претходно истиот ден во село во регионот Шуми на границата со Русија.
Украинското воено воздухопловство утринава соопшти дека руската армија лансирала 31 беспилотно летало Шахид, од кои 23 се уништени, јави Танјуг.