More

    Се сеќавате ли на црниот пантер од Апатин?

    spot_img

    Се сеќавате ли на црниот пантер од Апатин?

    Загадочна мачка која наводно избегала од зоолошка градина во Унгарија, а ја виделе селани на неколку места во Србија. Таа вест ги „преврте“ насловните страни на порталите на Балканот. Психозата и сензацијата од една ваква непроверена вест во текот на целиот ноември се ширеа многу побрзо од скудните факти.

    Кога српските медиуми напишаа дека пантерот се движи кон јужните краишта, некои од македонските медиуми се истрчаа да објават: „Можно ли е тој да доаѓа во Македонија“? Порталите почнаа да земаат изјави од експерти, слично како и во Србија.

    Веројатно целата паника ја почна Јавното претпријатие „Војводина шуми“, кое потврди дека станува збор за опасност. Ова на неверување на многу локални ловџии, кои мораа да проголтаат новата медиумска бајка.

    Истата снимка лани кружеше во Србија и во Унгарија?

    Прво српскиот портал Курир објави дека црниот пантер е забележан на 40 километри од Суботица, со проблематична снимка која го прикажува животното од унгарската страна на Војводина и со цитати од унгарските власти. Во тоа време, градоначалникот на унгарски Кечкемет, Фулоп Роберт, објави и наводна слика од трагата од шепата на фејсбук, велејќи дека и полицијата е информирана.

    Но, забележа ли некој дека објавата е од 15 декември минатата, 2021 година?!

    Во серија од три објави, градоначалникот ги известува граѓаните ако видат некаков пантер, да се јават во полиција. Тој дава и линк до објава од полицијата, која вели дека жител на градот прв пријавил дека го видел пантерот и дека снимката од границата е вистинска. Можеби тука настанала паниката?

    Пантерот не остава такви траги од шепите

    Плусинфо внимателно го следеше развојот на настаните во Србија и спроведе своја истрага. Со посредство на наши експерти, стапивме во контакт со искусниот криминалистички форензичар и трасеолог Србислав Стојшиќ од Србија. Тој и самиот е искусен ловец, еден од најпознатите на Балканот. Го замоливме специјално за нашиот портал да ги анализира достапните „докази“ за приказната за црниот пантер.

    Стојшиќ е категоричен – трагата од таа шепа не одговара на онаа од црн пантер:

    – Фотографиите од отпечатоците од шепите прикажани во списанието апсолутно не одговараат на отпечатоците на големите мачки, кај кои, при бавно движење, канџите не се оцртани на подлогата. A на фотографиите канџите јасно се гледаат, длабоко втиснати во подлогата. Единствениот претставник на родот мачки, чии канџи постојано штрчат е африканскиот гепард спринтер – објаснува тој.

    Ваквите вести кај нас како да сакаат да си останат во доменот на шпекулацијата – ретко кој ги проверува, иако тие очигледно направиле штета.

    Да биде работата уште посомнителна, снимката од пантерот во Унгарија во исто време лани кружеше во Србија, прво по телевизиите.

    Српскиот портал Република го цитираше директорот на зоолошката во Кечкемет, кој вели дека животното може да прејде до 10 километри ноќе. Но, да издржи цела година надвор, за оваа зима да се појави на српската страна?

    Мац, мац, ем коле овци, ем се шета ноншалантно

    А како беше овој ноември со фамата околу црната мачка?

    Големо внимание птредизвика вест о Апатин, каде на видеото на Твитер, луѓето, смеејќи се, му велат „мац, мац“ на животното, а тоа се шета комотно, небаре е лав среде бел ден.

     

    Потоа се појави и една снимка од пантерот, наводно виден како трча во местото Фекетиќ, снимена од некој камионџија. Контрадикторно, зошто вака трча животното и зошто од мирно станало многу вознемирено?

    Инаку, во бајките, пантерот веќе коле овци во Врбас.  Беше тоа многу повторувана вест, но снимка од закланите овци – нема. Битно, според Еспресо, општинскиот штаб заседавал.

    Фабулата оди дотаму што се тврдеше дека ловџиите во Србија наводно го бркале црниот пантер, при што тој наводно ја откинал главата на едно од нивните кучиња. Беше објавена и „језива“ фотографија од „жртвата“. „Откинат е целиот долен дел од телото“, пишува во кратката сторија.

    Плусинфо контактираше неколку експерти за лов и повеќето се согласуваат дека ако пантерот навистина нападнал куче, тој ќе го изел и немало да ја остави главата.

    Пантерот се прошета и на корзо во местото Србобран.

    Консултиравме неколку експерти – еден од нив препозна дека на фотката на која животно наводно шета ноќе на улиците, опашот му е свртен нагоре, додека сенката сугерира дека опашот му е свртен надоле. Како е тоа можно?

    Во медиумските бајки, се разбира, сè е можно…

    Црн пантер е игра на зборови, постојат леопард и јагуар!

    Истрагата на Плусинфо започна. Првата дилема што моравме да ја расчистиме е какво е „осомниченото“ животно и дали воопшто може да биде уверлива приказната дека црн пантер може да се најде во нашите краишта?

    Зоологот Диме Мелоски од Македонското еколошко друштво (МЕД) објаснува какви се шансите да се случи вакво нешто.

    – Црниот пантер може да биде во два различни вида. Или како јагуар, којшто живее во Јужна и Централна Америка, или како леопард од Африка или од Азија. Примероците од двата вида во црна боја се нарекуваат црни пантери. Овој вид не живее на нашите простори, а најблиската популација е во југоисточна Турција. Вакви ситуации може да се случат, бидејќи секаде во светот има нелегална трговија со егзотични мачки. На црниот пазар црниот пазар е поатрактивен, токму поради неговата боја. Во САД постојат повеќе тигри во заробеништво отколку што постојат тигри во Африка – објаснува Меловски, но додава дека не е запознаен дали во Србија и во регионот има црн пазар со езготични мачки.

    Тешкотијата настанува дури и кога новинарот треба да почне да пишува текст за црн пантер. Особено кога ќе дознае дека такво нешто и не постои во речникот на животинските видови. Плусинфо дополнително ја провери и ја потврди тезата на Мелоски дека пантерот е подвид на леопард или на јагуар, за кој се подразбира дека е црн. Уште една утка на српските медиуми, кои ја користат синтагмата „црн пантер“.

    – Леопардот има неколку подвидови. Пантерот има пигментација, тој спаѓа под леопард. Тоа се вика меланизам, како што има албино мачки има и црни мачки – вели Мелоски.

    Албино лавови и црни мачки – зарем не звучат овие наслови сензационалистички, само според нивниот акцент на бојата?

    Како и да е, се чини дека „Војводина шуми“ не се оптварувале со вакви дилеми. За нив работата била јасна:

     

     

    Црн пазар за црни пантери, факт или фикција?

    Приказната за црниот пантер, според Мелоски, има сличности со други случаи на избегани животни од зоолошки градини. Тоа е причината поради која тој што ја проширил непроверената вест во Србија, завршил „успешна“ работа, бидејќи досегашното искуство на приказната ѝ дава елементи на уверливост.

    – Последен пример беше во Црна Гора, кога од зоолошка градина побегна млад лав. Не беше голем, но тамошните власти се справија со тоа. Интервентен тим успеа да го успие животното – вели Мелоски.

    Значи, не може сосема да се исклучи веројатноста црниот пантер да се појави каде било. Што треба да се прави во таков случај со ова животно, кое воопшто не се разликува од леопардот и од јагуарот?

    – Со огромна претпазливост треба да му се пристапи на проблемот, ако се појави. Животното ќе биде исплашено. Европскиот континент е пренаселен. Имаше во Индија случаи со леопарди кои убивале деца. Пред некоја година имаше случај со рис во Кичево. Во центарот на Кичево прошета мало рисче  коешто требаше да го спасуваме. Треба да постои интервентен тим, да се поставуваат и фото-замки. Ако се појави вакво опасно животно, најдобрата опција е да се успие. Алтернативната опција е да се усмрти.

    Како да се утврди вистината – постои или не?

    Ако приказната од Србија е макар делумно точна, Мелоски смета дека црниот пантер би морал да биде чуван од приватен сопственик. Но, дури и таквото животно да е на слобода, властите би можеле да се справат со него. Најбитното е да не се крева паника, потсетува експертот.

    – Јас слушнав дека е овој примерок е избеган од Унгарија избеган, од приватен сопственик. Тоа е логично. Тоа е единствен начин тој да стигне во Војводина. Не мора да биде лажна вест тврдењето дека тој постои, а дали го убиле или не, навистина не знам. Во секој случај, нема потреба да се плашат македонските граѓани. А имаше многу помпезни наслови во медиумите – заклучува Мелоски.

    Кога сѐ ќе се собере и ќе се одземе, заклучокот е јасен – не може да се зборува дали воопшто станува збор за лажна вест ако не се утврди елементарниот факт: постои ли животното кое оваа доцна есен стана „ѕвезда“ во медиумите во Србија и пошироко на Балканот.

    Плусинфо ја продолжи својата потрага по вистината, во обид да се провери вистинитоста на содржините кои се пласираа како најуверливи докази за кредибилноста на сторијата – фотографиите и видео материјалите. Во принцип, со т.н. фотофорензичка анализа може да се добијат сознанија за тоа дали некои од фотографиите се вистинити и дали водат до кредибилни извори.

    Експертите за медиумска писменост вообичаено упатуваат на неколку познати онлајн-алатки за утврдување на изворот на фотографиите (најпозната алатка бездруго е images.google.com која е идеална за утврдување на изворот на фотографијата). Постојат и неколку други онлајн-алатки кои можат да укажат на веројатноста некоја фотографија да е едитирана, што ќе рече „монтирана“ со некоја од мноштвото лесно достапни и прилично софистицирани апликации за едитирање фотографии.

    Фотофорензичката анализа на неколку фотографии од црниот пантер со онлајн-алатки неспорно покажа дека тие се „едитирани“ или „веројатно едитирани“. Но, Плусинфо анализираше дел од фотографиите и на „старомоден“, но затоа многу посигурен начин – во консултација од луѓе искусни во трасеологијата, во форензиката и во меѓународниот лов. Наодите до кои дојдовме се вџашувачки. Но, за тоа во следните две продолженија на ова истражување.

    (Во второто продолжение: На лагите нозете им се кратки, а на лажните фотографии и крзното)

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img