По неколкудневна потрага е пронајдено телото на бугарскиот турист Пламен Христов, кој исчезна пред една недела. Телото е пронајдено под врвот Вихрен на планината Пирин, Бугарија, а до него е пронајдено уште едно тело на маж, кое не е идентификувано, но се претпоставува дека е македонски државјанин бидејќи каj него се пронајдени македонски денари.
Информацијата ја објави електронското издание „24 часа“. Полицијата ги проверува хотелите во Банско и во Сандански. Ниту еден маж од областа не е пријавен за исчезнат во локалната полиција.
Телата ги пронашле планинските спасувачи од Банско, Разлог и Сандански. Едното тело е на Пламен Христов, а се претпоставува дека вториот човек го видел паднатиот бугарски турист и се обидел да му помогне.
Засега не може да се користи хеликоптер за да се извлечат двете тела бидејќи постои опасност за летање во тој реон. Во моментот, се подготвуваат 20 планинарски спасувачи да реализираат акција за извлекување на телата за што ќе бидат потребни најмалку 15 часа.
МИА го контактираше македонското Министерство за надворешни работи, но оттаму информираа дека засега немаат информација за починат македонски државјанин во Бугарија.