Во вториот обид, поради грешка на Кривичниот суд во Скопје при издавањето наредба за спроведување од затворот во Струга, обвинетиот Сашо Мијалков денеска се појави во судница на рочиштето за „Титаник 2“.
Поранешниот директор на УБК утрово беше спроведен од струшкиот затвор во Кривичниот суд. Претходното рочиште беше закажана за 22 декември, но Мијалков тогаш не беше спроведен, поради техничка грешка на Кривичниот суд.
Управата за извршување на санкции во петокот соопшти дека извршила вонреден надзор во Казнено-поправниот дом „Струга“ и утврдила дека не постои одговорност кај ниту едно лице од оваа установа за грешката што ја сторил Основниот кривичен суд Скопје во обидот да го обезбеди присуството на Сашо Мијалков на судското рочиште за кривичниот предмет “Титаник 2“ на 22 декември.
Поранешниот директор на УБК се гони за противзаконско влијание во изборните нерегуларности во 2013 година. За овој случај Мијалков веќе еднаш беше осуден на тригодишна затворска казна, но првостепената пресуда беше укината од Апелација, по што судењето се врати од почеток.
Делото застарува во април 2023 година.