Изградба на патните и железничките коридори, завршување на гасификацијата во земјава, како и изградба на локални патишта, водоводи и канализации се дел од инвестициите кои ги планира владата во следната година. Од државниот буџет ќе се потрошат 733 милиони евра за капитални инвестиции. Најмногу пари, како што и се очекуваше, ќе одат за инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, но ќе се инвестира и во подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина.
Владата планира парите за овие проекти да ги обезбеди преку буџетот, но и преку донации, пред сè, ИПА фондови, како и поволни заеми од меѓународни финансиски институции или од билатерални кредитори.
Како и што се очекува, дел од парите кои ќе се обезбедат од буџетот и следната година ќе одат за проектирање и изградба на дел од автопатската делница Тетово-Гостивар/проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, како и делницата Прилеп – Битола. За таа цел од буџетот треба да се обезбедат 15, 1 милијарди денари (245 милиони евра).
Од следниот буџет Владата планира да го финансира и источниот патен Коридор 8 – делницата Ранковце-Крива Паланка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, но за тоа пари треба да обезбеди преку кредити. Кредити ќе се зема и за изградба на патот Кичево-Охрид и автопатот Скопје-Блаце (граница со Косово), а со кредити ќе се подобрува и патната инфраструктура на општините преку Проектот за поврзување на локални патишта, Програмата за национални патишта и Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.
Од делот на патната инфраструктура како позначаен капитален проект кој се финансира преку ИПА 2 Програмите во периодот 2020-2024 е изградба на патна делница Градско – клучка Дреново како дел од патниот коридор 10-д.
Следната година е клучна и за почнување на постапката за изградба на патот Тетово – Призрен. Преку Јавното претпријатие за таа цел ќе се изработи урбанистички и основен проект за изградба овој пат. Колку пари за тоа ќе се потрошат од државниот буџет не се наведува.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на третата фаза од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 делот кон Бугарија. За оваа и втората фаза веќе има обезбедени 280 милиони евра грант средства од ЕУ. Планирано е за почне и проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Во овој дел ќе се финансира и реализацијата на проектот со кој е предвидено изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.
Вкупно за инвестициите во железничката инфраструктура за следната година се планирани 13,6 милиони евра од кои со кредити се обезбедуваат 1,13 милијарди денари (8,374 милиони евра), а од буџетот ќе се обезбедат 328 милиони денари или 5,333 милиони евра.
Дополнителни 18,7 милиони евра од буџетот треба да се обезбедат за гасификацијата на државава, поточно за преостанатите километри од делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.
Нема да изостане ниту поддршката на енергетските проекти за производство на струја каде што како инвеститори се јавуваат државните ЕСМ и МЕПСО и тоа: втора фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци, топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), фотонапонски електрана Осломеј, ветерен парк Миравци, рехабилитација на 6 големи ХЕЦ – фаза 3, Проект на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој опфаќа изградба на две соларни фотонапонски електрани, 10 MW Осломеј 2 и 20 MW Битола.
Како значаен проект во следниот буџет владата го издвојува и проектот ХЕЦ „Чебрен“ во кој својот дел во инвестицијата ќе го покрие со ХЕЦ Тиквеш, но подвлекува дека ако проектот биде успешен.
И годинава во инвестицискиот план на владата се и општинските патишта во кои ќе се вложат 8,6 милиони евра, а ќе се инвестира и во водоводна и комуналната инфраструктура. Во овој дел е планирано завршување на Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините и започнување на Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините.
Како големи капитални проекти во областа на земјоделието се програмата за наводнување за кои најголемиот дел од инвестирањето ќе биде во исплата на каматите и главнината на кредитите. Само за камати треба да се вложат 13.983 евра, а за отплата на главнината 335.121 евро. За кредитите пак на системот за наводнување Јужна долина на Вардар 618.991 евро ќе одат на отплата на главнината, а 163,869 евра на камати. Проектот за модернизација на земјоделството пак ќе тежи 203.252 евра.
Во областа на животната средина значаен капитален проект е изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, како и станиците за цврст отпад во Полошкиот, Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југоисточниот и Скопскиот регион како и проектите за управување со отпад.
Во делот на образованието се планира изградба и реконструкција на основни и средни училишта каде што ќе се вложат 14,4 милиони евра. Покрај ова средства од буџетот ќе одат и за изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкцијата на студентските домови. Вупно во образованието ќе се инвестира1,268 милиони евра.
Од областа на праведен пристап до квалитетно инклузивно образование на сите нивоа како позначаен капитален проект кој ќе се финансира преку ИПА 2 Програмата во периодот 2020-2025 е реконструкција на јавни предучилишни установи и изградба на градинки во општините Тетово и Теарце.
Во делот на општинската инфраструктура ќе се финансира Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, како и новиот проект за одржлив развој на општините.
Експерти и стопанственици велат дека планираното ветува некаков развој, но практиката покажува дека при ребаланс на буџетот први страдаат капиталните инвестиции.
Претседателот на клубот на извозници при Стопанската комора Дарко Лазаров вели дека не е важно што се планира во однос на капиталните инвестиции, туку што е остварено на крајот на годината.
– Тука има една буџетска гимнастика што се користи во изминатиот период, а тоа е дека со ребаланс на Буџетот во септември или октомври, односно во втората половина на годината, се кратат планираните капитални расходи и на крајот процентот се подобрува. Нас, економистите, на крајот на денот не интересира крајната реализација на капиталните расходи, како процент од буџетот или како процент од домашниот бруто производ (БДП). Тука навистина бројките се разочарувачки. Мислам дека на 5,5 милијарди евра колку што е проектиран буџетот за годинава, треба да издвојуваме значителен износ повеќе, сигурно од 10 до 12% за да имаме забрзување на економијата. Тука има едно друго прашање кое се поставува и е легитимно, а тоа е каква е структурата на капиталните инвестиции бидејќи не е исто дали ќе инвестирате во образование, наука, инфраструктура или ќе инвестирате во некоја друга форма на капитални инвестиции. Ефектите од тие инвестиции се различни – вели во интервју за МИА Лазаров.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја гледа развојната компонента во Буџетот за наредната година во фактот што предвидените капитални расходи се поголеми од буџетскиот дефицит и особено во структурата на капиталните инвестиции. Според него, сосема е различно да се гради автопат, патишта, детски градинки и да се инвестира во образование од она на што претходно се трошеле парите.
– За првпат после 2023 во 2024 година капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит, нешто што на секоја влада и е императив. Ние постигнавме во 2023 година тоа да го направиме, ќе го направиме и во 2024 затоа што покажавме дека тоа е возможно. Во апсолутен износ капиталните инвестиции оваа година и следната година се далеку од тоа што некогаш сме се навикнале да го гледаме и структурата на капиталните инвестиции е исто така променета – вели Битиќи.