Протекувањето на доверливи воени документи кои беа објавени на социјалните мрежи ги вознемири американските служби, кои се обидуваат да го идентификуваат изворот за кој некои безбедносни експерти се сомневаат дека може да биде некој од САД.
Официјалните лица рекоа дека широчината на темите опфатени во документите — од војната во Украина до прашањата поврзани со Кина, Блискиот Исток и Африка — укажуваат на Американец, а не на сојузник.
„Сега фокусот е дека ова е американско протекување бидејќи голем број документи ги поседувале само САД“, изјави за Ројтерс поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој.
Американските власти рекоа дека истрагата, која сè уште е во рана фаза, не ја исклучува можноста проруските елементи да се поврзани со протекувањето на документот, што се смета за најсериозно нарушување на безбедноста од 2013 година, кога повеќе од 700.000 документи беа објавени на Викиликс.
Руската амбасада во Вашингтон и Кремљ не одговорија на барањето за коментар.
Двајца американски функционери изјавија за Ројтерс во неделата дека не ја исклучуваат можноста документите да се фалсификувани за да се доведат во заблуда истражителите или да се шират лажни информации против САД.
Ројтерс вели дека не ја потврдил автентичноста на документите, но се чини дека некои податоци за проценките на жртвите на бојното поле во Украина се изменети за да се минимизира бројот на руски жртви.
Американските разузнавачки агенции и војската истражуваат колку често чувствителни документи се споделуваат внатре и ги разгледуваат можните мотиви за протекувањето од страна на американски функционер или група.
Истрагата е фокусирана на неколку теории – од незадоволен вработен до инсајдерска закана која сака да ги поткопа националните интереси на Америка.
Иако доверливите документи беа објавени пред неколку недели, тие првпат беа објавени во петокот од Њујорк Тајмс.