Русија планира воена парада во зафатениот град Мариупол на 9 мај, соопшти во средата Украинското воено разузнавање(ГУР) на Телеграм, пренесува Еуроњуз. Парадата ќе се одржи паралелно со онаа во Москва, а ќе биде посветена на победата на СССР над нацистите во Втората светска војна.
„Главните патишта на градот итно се исчистени, остатоците и телата на загинатите се отстранети, како и муницијата што не експлодираше“, се влеи во соопштението.
Мариупол „ќе стане центар на прослави“, се додава.
ГУР ја опиша парадата како дел од „голема пропагандна кампања“ на Русија за да влијае на приближно 120.000 луѓе кои останаа во бомбардираниот град, кој сега е главно под руска контрола.
– Тие ги потиснуваат сите докази за злосторствата што ги извршиле. Тие му даваат храна на локалното население во замена за нивниот труд – рече градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко на украинската телевизија.
– На публиката во Русија, исто така, ќе ѝ бидат прикажани снимки од луѓето во Мариупол како наводно се радуваат што има руски војници во нивниот град – продолжи Бојченко.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу не потврди дека парадата ќе се одржи во Мариупол на прашањето за подготовките на неговата земја за Денот на победата, пренесе АФП.
Но, тој рече:
– Оваа година ќе се одржат воени паради во 28 руски градови – додавајќи дека „ќе бидат мобилизирани речиси 65.000 луѓе, околу 2.400 видови оружје и воена опрема и повеќе од 460 авиони“.
Според ГУР, заменик-директорот на руската претседателска администрација Сергеј Кириенко пристигнал во Мариупол за да се подготви за парадата.
„Главната мисија на функционерот на Путин е да ги подготви церемониите на 9 мај“, се вели во соопштението на разузнавачката служба.