Обединетите Нации изразија загриженост поради одлуката на Русија да се повлече од историскиот договор за контрола на нуклеарното оружје. Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека ќе го прекине учеството на Русија во договорот Нов СТАРТ. Путин истакна дека неговата земја го суспендира своето учество, а не се повлекува од договорот за ограничување на нуклеарните боеви глави.
– Светот без контрола на нуклеарното оружје е многу поопасен, понестабилен, со потенцијално катастрофални последици, истакна портпаролот на ОН Стефан Дижарик.
– Треба да се направат сите напори за да се избегне овој исход, вклучително и итно враќање на дијалогот, додаде тој.
Британската Влада претходно го повика Путин „да се откаже од својата избрзана одлука“, додека САД рекоа дека тоа е „длабоко погрешно и неодговорно“.
Договорот „Нов СТАРТ“ се однесува на намалување и контрола на стратешкото нуклеарно вооружување. Тој ги обврзува Москва и Вашингтон на максимум 1.550 стратешки нуклеарни боеви глави на распоредени интерконтинентални балистички ракети или распоредени балистички ракети на подморниците, максимално 700 распоредени ICBM, SBLM и распоредени тешки бомбардери и 800 распоредени и нераспоредени ICBM лансери и SLBM лансери и тешки бомбардери опремени за нуклеарно вооружување.
Според тој договор, секоја страна може да спроведе до 18 инспекции на локации за нуклеарно оружје годишно за да се увери дека другата страна го почитува договорот, иако и двете страни се согласиле да ја паузираат таа одредба во март 2020 година поради пандемијата на коронавирус, пренесува порталот „Washington Examiner“.
Двете страни требаше да се сретнат минатиот ноември во Египет за да започнат разговори за продолжување на инспекциите, но руската страна тоа го одложи.
– Се разбира, настаните што се случуваат во и околу Украина во овој случај имаат влијание врз тоа. Контролата на вооружувањето и дијалогот во оваа сфера не можат да не трпат поради тоа што се случува, а пошироката слика, која е доста комплицирана и во голема мера вознемирувачка, ја одигра својата улога – изјави тогаш рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Порталот потсетува дека тогашните претседатели на САД и Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, во 2010 година потпишаа договор за управување со нивниот нуклеарен арсенал, и дека се согласиле да го продолжат на уште пет години неколку дена пред истекот во февруари 2021 година.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека ќе го прекине учеството на Русија во договорот „Нов СТАРТ“.
– Повторувам, не се повлекуваме, само го прекинуваме своето учество – рече Путин.