Руските и белоруските трупи ја започнаа втората фаза од тактичките нуклеарни вежби во Русија, соопшти во вторник руското Министерство за одбрана.
Целта на вежбите е да се обезбеди подготвеност на воениот персонал и опрема на двете земји за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет, се наведува во соопштението.
„За време на вежбата ќе бидат разработени прашања за заедничка обука на единиците на вооружените сили на Руската Федерација и Република Белорусија за борбена употреба на нестратегиско нуклеарно оружје“, соопшти Министерството за одбрана.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец и нареди на војската да вежба тактичко нуклеарно оружје по, како што рече Москва, „закани од Франција, Велика Британија и САД“.