Во средата, Русија почна да ги евакуира децата од градовите во близина на границата со Украина кои беа под силен артилериски оган во последните денови, бидејќи Кремљ ја опиша ситуацијата како „алармантна“.Напади се случуваат на руска територија во последните недели, а врвот беше во вторникот кога Москва беше нападната со беспилотни летала, по минатонеделниот спектакуларен упад на украинските сили во регионот Белгород, долж украинската граница.
Руските сили, кои водат офанзива против Украина од февруари 2022 година, оваа недела извршија неколку кампањи на масовни напади врз главниот град Киев со ракети и беспилотни летала со експлозив.
Во средата гувернерот на Белгород најави почеток на евакуација на децата од две населени места во областа под силен артилериски и минофрлачки оган.
„Денеска првата група од околу триста деца ќе биде испратена во Воронеж“, на околу 250 километри североисточно од Белгород, подалеку од украинската граница, изјави Вјачеслав Гладков.
Повеќе од 1.000 деца ќе бидат евакуирани во други области во наредните денови, додаде тој.
Одлуката е донесена поради „влошувањето“ на ситуацијата во таа област, која само во вторникот беше погодена од околу 260 артилериски и минофрлачки гранати, рече Гладков.
„Навистина сме загрижени за оваа ситуација. Бомбардирањето на цивилни цели продолжува“ во Белгород, изјави во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не слушнавме ниту еден збор на осуда од Западот“, рече тој. „Ситуацијата е навистина алармантна. Преземаме мерки“, додаде кусо, без објаснување.
Тројца загинати во гранатирањето на Киев
Три лица, меѓу кои и две деца, загинаа во воздушен напад на украинската престолнина во четвртокот рано наутро, соопштија градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко и воените власти.
„Три лица загинаа, а четворица се ранети во областа Дешњан“, објави воената управа на Киев на Телеграм.
„Меѓу загинатите во областа Дешњан има две деца (5-6 и 12-13 години)“, додаде истиот извор.
Кличко на Телеграм напиша: „Според првите информации добиени од спасувачките екипи, пронајдени се тројца мртви, меѓу кои две деца и четворица ранети“ во тој дел на Киев.
Неколку руски ракети беа истрелани врз главниот град на Украина оваа недела.
Во понеделникот жителите на Киев мораа да бараат засолниште поради необичен напад во текот на денот.