Ретроактивното оданочување мора да падне на Уставен суд

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Иако правниот принцип не дозволува законите да важат ретроактивно, Законот за солидарен данок е донесен и ќе се применува, освен ако Уставниот суд не одлучи поинаку.

Законодавниот дом го донесе деновиве законот кој во собраниските кулоари се шеташе повеќе од една година. Бизнис заедницата се изјасни против законот и најави дека ќе го обжали пред Уставниот суд.

Законот предвидува компаниите кои оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години, да платат еднократен данок од 30% и е поврзан со последиците на кризните 2020 и 2022 година, кога Владата мораше од државниот буџет да издвои пари за справување со кризите.

Владата очекува со ова оданочување во државната каса да се слеат 76,4 милиони евра, кои ќе бидат потрошени за справување со кризата.

Неколку илјади компании ќе бидат на удар на законот

– Средствата кои по овој основ ќе се слеат во буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризата и наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и на граѓаните. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на Европската комисија, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг – смета Владата.

Засега не се кажува бројката на компании кои ќе подлежат на овој данок, но претходно беше речено дека неколку илјади ќе бидат опфатени со него. Она што е важно е тоа дека 30% данок ќе се плаќа на разликата во добивката во однос на претходните три години.

„Даночната основа за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди, зголемен за 20 отсто. Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди, зголемен за 20 отсто. Претходни периоди се периодите од 2018, 2019 и 2021 година“, пишува во законот.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи низ пример претходно појасни како ќе изгледа тоа оданочување.

– Ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра кои ќе бидат платени на име на данок на добивка – рече Битиќи.

- Advertisement -
Ad image

Правните експерти едногласни – вака не може!

Спротивно на владата, бизнис заедницата и експертската јавност се изјаснија дека се против ова решение, бидејќи тоа се однесува ретроактивно и е селективно.

– Правно не е можно закон да има ретроактивно дејство, освен во одделни случаи на кривична материја каде што се предвидуваат поблаги казни. Ова важи само за кривични дела за кои постапките во судовите не се завршени – појаснува експерт по право.

Тој додава дека не се знае како Уставниот суд ќе реагира на оваа инцијатива и каква одлука ќе донесе, бидејќи, како што вели, и таму се гласа, па не може однапред да се знае исходот.

- Advertisement -
Ad image

Ист став има и Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кој уште во јуни годинава наведе две причини кои со примената на законот можат да направат општествена штета.

– Законот ќе има ретроактивно дејство, што – надвор од правниот момент – не е добра пракса и оневозможува предвидливост и можност за соодветно планирање. За предвидливост и планирање, дискусијата денес може да се однесува за евентуална интервенција кај кој било данок почнувајќи од 2024 година па натаму – наведуваат од институтот.

Сите во ист кош

За експертите на овој институт е проблематично и тоа што во ист кош ќе се стават компании кои профитирале од состојбата и оние кои поради вложувањето во минатиот период оствариле повисок профит во текот на кризната година.

– Од една страна, зафатени ќе бидат и фирми кои оствариле вонреден профит како резултат на свои специфични фактори (претходни вложувања, освоени нови пазари, подобрена продуктивност и ефикасност итн), а од друга страна, ќе бидат изоставени фирми, па дури и цели сектори, кои во континуитет имаат високи профити вклучително и поради пазарната структура, но кои нема да потпаднат под овој данок бидејќи нема да го исполнат условот за пораст на профитот за најмалку 20% над просекот од претходните години – велат оттаму.

Економистот и поранешен пратеник Маријанчо Николов вели дека најверојатно законодавецот знаел дека ретроактивно нема да може да се примени законот, но ги имал предвид околностите според кои процената дека поповолните околности одат на сметка на солидарноста.

– Не сум го видел конечниот текст на законот, но ако се гледа Уставот, тогаш законот не може ретроактивно да се применува, но притоа треба да се има предвид дали е поповолно за граѓаните тој данок да се плати или не. Фирмите овој данок, меѓутоа, го доживуваат како казна. Најверојатно законодавецот имал друго решение за пресметката од 3 години наназад. Сепак, мислам дека Уставниот суд треба да одлучи дали ќе може да заживее овој закон – вели Николов.

Коморите на нога – законот не е ни праведен, ни европски!

Бизнис заедниците во текот на изминатиот период, но и вчера остро реагираа. Стопанската комора најави и иницијатива пред Уставниот суд.

– Пред поведување на Иницијативата, согласно член 75, став 2 од Уставот, ќе побараме од претседателот на државата да не го потпише указот за прогласување на Законот за данок на солидарност, зашто тој е очигледно во спротивност со член 52 од Уставот, но без очекување дека барањето на бизнис секторот ќе биде прифатено – велат од Стопанската комора.

Од оваа комора забележуваат дека донесувањето на овој закон не претставува усогласување со европските закони, но и дека тој е селективен во однос на компаниите.

– Укажавме на селективен пристап затоа што се опфатени само поголемите компании, укажавме дека се врши оданочување на сите компании, независно дали добивката што ја оствариле се должи на пазарните услови (остварена екстра-добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјунктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени вложувања, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и слично, укажавме и на дестимулирање на успешните компании кои се инвестициски ориентирани. Со предложениот концепт на оданочување, кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година, во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на вложувања – велат од оваа комора.

Од Сојузот на стопански комори наведоа дека се казнуваат компаниите кои најмногу плаќаат данок.

– Законот, пред сè, се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда. Трошоците за Данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку погрешни се овие мерки и колку погубни резултати ќе има врз бизнисот. Не постои пример во светот каде се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира – реагираа од Сојузот.

Share This Article