Нов Зеланд бележи рекорден број на смртни случаи од Ковид-19, а новиот бран на инфекција со варијантата омикрон се покажа особено катастрофален за постарата популација, објави во петокот Ројтерс.
Според Министерството за здравство, за седум дена до 16 јули, од Ковид-19 починале 151 лице, додека во најлошата недела од претходниот бран во март, починале 115 лица.
Во последните 24 часа од новиот коронавирус починале 26 лица, сите на возраст над 60 години.
Во новиот бран на зарази во Нов Зеланд, земја со население од 5,1 милиони жители, преовладува омикронската подваријанта BA.5.
За една недела се регистрирани 64.780 активни случаи, но надлежните тврдат дека голем број заразени не се пријавени.
Брзата реакција на владата на пандемијата, со многу строги ограничувања и високи стапки на вакцинација, се сметаше за пример за борба против Ковид-19, но од крајот на минатата година, инфекцијата немилосрдно се шири.
Под притисок се клиниките за општа пракса, итните служби и болниците, но бројот на хоспитализирани е нешто помал од март.
Иако владата засега не наметнува ограничувања за движење и задолжителни маски во училиштата, Министерството за образование ги советува училиштата да ги вратат маските откако децата ќе се вратат од одмор следната недела.