Разрешен е и последниот претставник во актуелната извршна власт од огранокот на ДУИ во Гостивар, поточно државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Ресми Ејупи, соопшти фракцијата во ДУИ наречена „Огнена група“.
Со разрешувањето на Ејупи и претходно на Башким Хасани, еден од најголемите ограноци на ДУИ, како што е гостиварскиот огранок, останува без ниту еден претставник на ниво на трите владини ешалони, што се случува за прв пат од формирањето на ДУИ, нагласуваат од фракцијата.
Во својата реакција на социјалната мрежа Фејсбук Ресми Ејупи тврди дека единствена причина за неговото разрешување е неговата јавна поддршка за различното мислење во партијата
„Во оваа прилика сакам да ве информирам дека од вчера повеќе не ја вршам функцијата државен секретар во Министерството за труд и социјална политика и тука вреди да се нагласи дека единствена причина поради која сум разрешен од оваа функција е јавната поддршка за различното мислење во партијата.
Ниту една форма на политички реперкусии нема да ме спречи да го искажам слободното мислење и да поддржувам мислења што мислам дека се во корист на општеството. Продолжувам да ја поддржувам и да бидам дел од „Огнената група“ и дел од тоа мислење кое според мене е во корист на општеството воопшто, и на ДУИ како политичка партија“ – пишува Ресми Ејупи.