Албанскиот премиер Еди Рама попладнево реагираше во врска со тензичната ситуација на северот на Косово, наведувајќи дека „со загриженост ја следи влошената состојба во соседната земја“.
Додава дека се приклучува на ставот на сојузниците, САД и ЕУ.
– Со загриженост ја следиме влошената состојба во Косово и се приклучуваме кон ставот на нашите стратешки партнери САД и ЕУ. Во исто време целосно ја поддржуваме основната германско- француска идеа и апелираме на воздржаност и дијалог – напиша Рама на Твитер.
Додава дека мора да се работи повеќе во дијалогот Косово-Србија за земјите да не ги загубат ниту сојузниците кои бараат Заедница на српски општини.
Оценува дека косовските власти се во право кога имаат „резерва за Заедницата на српски општини но ги разбира и сојузниците“.
– Косовските власти се во право кога имаат резерва за Заедницата на српски општини. Но, ги разбирам и сојузниците кога тоа го бараат со „сила“! Затоа треба да бараме неуморен дијалог со Србија за да не ги изгубиме сојузници – стои во објавата на Рама.
Претходно загриженост за состојбата на северот на Косово, искажаа и шефот на албанската држава Бајрам Бегај и шефицата на дипломатија Олта Џачка, наведувајќи дека дијалогот е поважен од кога било.