Ракетни напади се случуваат низ Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, неколку дена откако Русија ја обвини Украина за напад со беспилотни летала врз нејзината флота во Црното Море, јавува Би-Би-Си. Сирени за воздушен напад се слушаат низ земјава, а има и прекини во снабдувањето со струја и вода.
Неколку експлозии се слушнале утрово во Киев, јавуваат украинските власти и локалните медиуми.
Како што јави Гардијан, Антон Герашченко, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека во градот одекнале најмалку три експлозии, додека 40 крстаречки проектили биле истрелани кон Украина.
„Околу седум или осум експлозии се слушнаа рано утринава во Киев и во регионот на Киев. Причината за експлозиите сè уште не е позната“, напиша на Твитер Киев Индипендент.
Експлозии утрово се слушнаа и во Харков.Градоначалникот Игор Терехов изјави дека Русија „ја погоди критичната инфраструктура во градот“.