Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот објави дека е завршена делумната мобилизација за војната во Украина. Но, според руските медиуми, Путин некако избегнал да го официјализира крајот на првата руска мобилизација по Втората светска војна, пишува Б92.
– Искрено, не размислував за тоа – рече Путин одговарајќи на новинарско прашање за донесување декрет за прекин на мобилизацијата.
– Ќе разговарам со адвокатите дали крајот на мобилизацијата треба да се официјализира со декрет. Сепак, тоа е готово и е ставен крај – додаде тој, а пренесува „Москва тајмс“.
Експертите предупредуваат дека само вербалното ветување на Путин без декрет не е важно, бидејќи тоа нема правна тежина. Сепак, Путин ѝ се обрати на јавноста само неколку часа откако руското Министерство за одбрана нареди мобилизацијата да престане.
Истовремено, се појавија информации дека некои граѓани биле мобилизирани и покрај наредбата дека процесот завршил.
Официјален Кремљ изјави дека тоа се случило поради „инерција“.